Колку е важно да имате еднаква моќ во вашата врска?

Колку е важно да имате еднаква моќ во вашата врска?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кој има поголема моќ во вашата романтична врска, вие или вашиот партнер? Дали се чини дека еден од вас ги носи поголемиот дел од одлуките? Или вашата врска е еднаква, со тоа што секој од вас понекогаш си го „истерува“ своето или има поголемо влијание врз некои работи? На ова прашање повеќето луѓе велат дека идеална ситуација е кога двајцата партнери имаат еднаков збор. 

Новото истражување на Роберт Корнер и Астрид Шуц го поставува прашањето колку е важна еднаквата моќ во романтичните врски.

Многу студии покажале дека луѓето се посреќни ако веруваат дека имаат контрола над важните исходи во нивниот живот. Што значи и дека чувството на моќ во нечија романтична врска е исто така важно кога станува збор за среќна врска. Во врските, она што е најважно е чувството на моќ - односно верувањето на една личност дека има збор во својата врска. Не е толку важно дали личноста навистина има контрола, само да чувствува дека има.

Терапевтите за двојки често се охрабруваат да им помогнат на клиентите да постигнат рамнотежа на моќта во нивната врска. Се чини дека некои студии покажуваат оти паровите со нерамнотежа на моќта доживуваат помалку задоволувачки врски. Сепак, начинот на кој се анализирале податоците во тие студии ја остава отворена можноста дека резултатите се должат на целокупното ниво на моќ на секој партнер, а не на разликите во моќта меѓу партнерите. Што е поважно - да се чувствувате моќни воопшто или да не се чувствувате помалку моќни од вашиот партнер?

Во четири студии биле анкетирани речиси 1.000 двојки, а Кернер и Шуц побарале од двајцата партнери да го оценат нивното задоволство од врската или сексуалното задоволство, како и нивното лично чувство за моќ. Прашањата за оценување на моќта барале од испитаниците да ја оценат нивната согласност со изјави како што се: „Во односот со мојот партнер/ка, можам да го/ја натерам да слуша што зборувам“ и „Ако сакам, јас можам да ги донесам одлуките“.

Во сите четири студии, личната моќ била поврзана со поголемо задоволство. Колку повеќе луѓето чувствувале дека имаат збор во нивната врска, толку посреќни биле. Покрај тоа, не само што сопственото чувство на моќ придонесувало за задоволство, туку и моќта на партнерот. Односно, луѓето чии партнери се чувствуваат моќни обично се позадоволни.

Сепак, немало докази дека имањето слични нивоа на моќ еден врз друг е поврзано со задоволство. Дали и двајцата членови на двојката имаат еднаква моќ или има неусогласеност во моќта, се прашања кои не се поврзани со тоа колку парот бил задоволен од врската.

Важно е и двајцата партнери да имаат чувство на моќ, а доколку вашиот партнер се чувствува помоќен од вас, тоа веројатно нема да влијае врз вашето ниво на задоволство од врската.

Извор: Psychology Today

Фото: Freepik