Листа со најбарани специјалисти. Какви доктори најмногу ни фалат?

Листа со најбарани специјалисти. Какви доктори најмногу ни фалат?

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Пациентите го чувствуваат недостигот - многумина мора да патуваат за да ги прегледа потребниот специјалист, а треба да чекаат подолго и за преглед и за операција

Анестезиолози, невролози, општи интернисти, радиолози, специјалисти по медицинска биохемија и педијатри. Ова е топ-листата со најпотребните специјалисти во македонскиот здравствен систем, или најмногу ни фалат вакви лекари, според последната анализа на Министерство за здравство. Пациентите го чувствуваат недостигот - многумина мора да патуваат за да ги прегледа потребниот специјалист, а треба да чекаат подолго и за преглед и за операција. Го чувствува и вработениот медицинскиот персонал, кој многу често мора да го покрива недостигот на стручен кадар. А, дополнително, проблем знае да биде и распоредот на доктори по делови од државата.
Здравствените власти се надеваат дека ќе успеат да го решат овој општествен проблем, таложен со децении поради цела низа погрешни здравствени политики.



Дежураат секој трет ден


На неодамнешен оглас за вработување анестезиолог на Клиниката за гастроентерохепатологија не се јавил ниту еден кандидат. Ваков кадар е потребен во повеќе здравствени установи. Дел од клиниките проблемот го решаваат на тој начин што ги опслужуваат анестезиолози од КАРИЛ, а болници во внатрешноста ги организираат операциите кога таму ќе допатува специјалист од друг град.

Д-р Ален Георгијев, директор на штипската клиничка болница, вели дека и во оваа установа недостигаат анестезиолози.
 - Можам да кажам дека во околу 90 проценти сме покриени со кадар. Но имаме само 4 анестезиолози, од кои сметајте дека еден дежура. Имаме по 1.400-1.500 операции годишно, што значи ни требаат најмалку шестмина. Овие лекари дежураат секој трет ден по 24 часа, а многу често остануваат и по работното време. Тоа е напорно. Имаме двајца специјализанти, но секако треба време за да заврши нивната едукација - вели д-р Георгијев.

Многу доктори пред пензија

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова е претседател на Здружението на приватни лекари во кое членуваат матичните доктори, кои ги следат пациентите и може да кажат што недостига на терен.
- Имаме сериозни проблеми во најголем дел од градовите. На пример, во велешката болница има еден функционален хирург. Во скопската градска болница има недостиг на анестезиолози. Мојот став е дека треба да има регионални болници во кои ќе се оперира од утро до вечер и ќе има збир на кадарот што работи хирургија - вели нашата соговорничка.

Таа објаснува дека во Прилеп има 3 педијатри и сите се пред пензија, а во Гевгелија децата ги прегледува еден, кој работи и како матичен, а истовремено и во болницата.
- Долго време имаме лошо преземени чекори поврзани со здравствениот кадар, или непреземени. Пред околу 4 години алармирав дека во еден мал град има 18 матични доктори и предложив половина од нив да се пратат на специјализација. Така оние што ќе останат да работат како матични ќе имаат доволно пациенти, а другите ќе ги задоволат здравствените потреби на населението. Но тоа беше игнорирано - вели Чолакова-Дервишова.

Докторката објаснува дека во Пехчево има 1 матичен лекар кој има 62 години, во Прилеп има тројца педијатри и за брзо време ќе се пензионираат (сите се над 63 години старост) и 6 општи матични доктори со над 62 години. Во Струга има неколку лекари што навршуваат 67 години.
- Состојбата не е добра и во Скопско. Во Дебар има седум лекари кои се над 60 години, а во Штип има 3 доктори со 62 години. Во Кичево има 3 лекари со продолжен работен стаж. Сето ова значи дека ни требаат здрави и брзи чекори - вели нашата соговорничка.

Се спрема нов кадар

Министерот за здравство Венко Филипче за недостигот на анестезиолози неодамна изјави дека анестезиологијата е струка која е дефицитарна не само во нашата земја, туку и во регионот и во Европската Унија.
- Има сѐ повеќе постапки и методи каде што претходно не се користела анестезија, а сега заради комодитет на пациентите и заради ширење на индикационите постапки сѐ повеќе се користат. Тоа е секаде во светот, не само кај нас. Затоа дадовме толку многу согласности за вработување на Клиниката за анестезија и нови специјализации. Но се соочивме со недостиг на ментори, ни треба еден плански пристап кој сега го имплементираме. За да се надополни бројот на анестезиолози, почнавме со размена на анестезиолозите меѓу различни здравствени установи, меѓу Клиниката за анестезиологија и другите болници во Скопје, но и другите општи болници во земјава, во Гевгелија, Кавадарци, Штип и во Кочани имаат договор за размена. Тој модел функционира секаде низ светот - рече Филипче.



Инаку, од Министерството за здравство објаснуваат дека изготвуваат четиригодишна програма за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар.
- За да се зголеми бројот на државни специјализации, во септември 2018 година Министерството за здравство направи дополнување на оваа програма со што се обезбедени повеќе од 200 државни специјализации. Исто така, за периодот од 2019 до 2022 е изготвена нова програма која е усвоена од Владата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно мрежата на здравствените установи (2019-2022). Одобрени се вкупно 931 специјализација и 130 супспецијализации за оваа година и наредните 3 години. Јавните здравствени установи за спроведување на програмата се должни да обезбедат финансиски средства во висина потребна за спроведување на специјализациите, односно супспецијализациите. Овие средства установите ќе ги уплаќаат сукцесивно, по семестри, во текот на целото времетраење на специјализацијата и супспецијализацијата - објаснуваат од Министерството.

За недостигот на кадар придонесува и тоа што многу млади лекари си ја гледаат иднината во странство и ја напуштаат државата.
Познавачите на здравствените состојби ги поздравуваат подготовките на нов здравствен кадар, но додаваат и дека за да останат тука, треба да се работи на достојни услови за нивно работење.