„Модерниот номад“ готви јадења на примитивен начин под отворено небо

„Модерниот номад“ готви јадења на примитивен начин под отворено небо

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Бургер од 9 килограми, говедско на камен, пилешко на отворен оган, леб под вршник, се само дел од рецептите

„Gonev - The modern nomad“ е профил на социјалните мрежи на кој се подготвуваат јадења на старомоден, примитивен начин, во природа. Специјалитетите што ги подготвува главниот актер се спремаат целосно под ведро небо, на дожд, покрај река, водопади, шуми... Прави мисирка во тава на жар покриена со сол, леб под вршник, подготвува јагнешко во земјена тава, говедско на камен, пилешко на отворен оган, бургер од 9 килограми, гиро, пишии со сирење, свински бут печен на жар под земја, свинско во тиква... Креативност, автентичност, инспирација, раскошни пејзажи изобилуваат од неговите видеа и рецепти. Овие автентични рустикални идеи можат да се најдат на неговиот јутјуб-канал.

Готвам на камења, гранчињата ми служат како лажички

- Идејата дојде неодамна. Имено, како некој што неизмерно ја сака и ја цени природата, но од друга страна, ужива да готви, се наметна една прекрасна идеја за спојување на овие две нешта. Целиот процес на готвење во природа е приказна за себе. Морам да признам дека во целата идеја за „The modern nomad“ има удел и мојот имиџ и стил на живеење. Зборчето „modern“ повеќе се однесува на физичкиот изглед, но и на разновидната храна што ја готвам, а доаѓа од најразлични кујни во светот. Додека зборчето „nomad“ се однесува на тоа дека секое јадење е зготвено на различна локација, но и фактот што храната е приготвена на рустичен, старомоден начин од аспект на тоа што како алатки ги користам нештата што ги наоѓам во природата, на пример, камењата, гранките кои ми служат како лажички за мешање и слично - ни споделува модерниот номад.



Неговите рецепти се добри и за око.

- Сакам барем малку да им ја разгорам љубовта кон природата на луѓето. Да можат да побегнат од секојдневието и од дигиталниот свет и да се завртат кон зеленилото, чистиот воздух и убавините кои природата несебично ни ги дава, а ние, за жал, имаме сè помалку време да ѝ се посветиме. Сакам да го променам тоа. Сакам луѓето да црпат позитивна енергија од природата како што тоа го правам јас - вели Гонев.

Од мексиканска до македонска кујна

Приготвува разновидни јадења од најразлични кујни.

- Досега имам готвено јадења од италијанска, мексиканска и од турска кујна, секако, и македонската, да не ја заборавам. Понекогаш во текот на готвењето знам да експериментирам и да му дадам една своја нота на самото јадење. Но, гледам да се придржувам до оригиналните рецепти и секогаш се трудам да користам органски производи - вели тој.
Обично готви познати светски рецепти, вкусни јадења во кои луѓето уживаат.

- Тешко е да се приготви јадење надвор од дома, но во тоа е убавината на готвењето во природа. Целосно се опуштате, сетилата ви се на друго ниво. Во тие моменти нема да верувате колкава креативност се криела во вас. Ќе измислите најразлични алатки кои ќе ви помогнат да го зготвите јадењето, ќе најдете нешта кои ќе ви помогнат во декорацијата и слично. Да, тешко е да се готви и снима видео истовремено, но полека се навикнуваме - потенцира модерниот номад.


Најдолгото снимање траело цел работен ден

Најчесто видеата почнува да ги снима рано наутро.
- Времетраењето на готвењето зависи од тоа што подготвувам, на пример, доколку готвам месо или месам тесто, тоа е подолго. Но, тука не завршува сѐ бидејќи постои камерата, која снима и треба да го фати најдобриот можен агол, така што самото снимање го прави процесот уште подолг. Да не заборавам, тука треба да се вклучи и времето за подготовка на теренот, но и чистењето на крај, така што најдолгото снимање што сме го имале траеше 8 часа.
На терен покрај мене е и мојот снимател. Најчесто сме во тој состав. Покрај намирниците, кога готвам, гледам максимално да ја искористам природата. Се трудам да употребувам што е можно помалку садови за готвење кои ги имаме дома и наместо нив, сакам да го искористам она што ми го нуди природата. Така, на пример, правам сукало од делкано дрво, како рамна површина користам трупец, за маталка користам врзани гранчиња, вода користам од блиска река или извор - изјавува модерниот номад.

Имало и готвење на дожд и неуспешни рецепти

Омилените рецепти му се во главата и сѐ уште не ги направил.

- Но, од овие што веќе ги имам направено, најдраг ми е прилично голем бургер чија тежина изнесува приближно 9 килограми. Сме имале многу непредвидливи ситуации за време на снимањето и готвењето. Се случило и да заврне и да не успее рецептот. Но, не запираме и продолжуваме да снимаме. Природата е таква, непредвидлива, и мора да се приспособуваме на неа. Кога готвам додека врне или во зима кога има снег, тогаш тоа е вистински предизвик за мене - вели Гонев.



Како музика „Gonev - The modern nomad“ го користи шумот на природата, звуците на јадењето додека се готви, огнот. Видеата се без нарација, но состојките се напишани под секое видео. Нудат пријатен природен амбиент, инспирација и интересни јадења.

- Звуците на природата опуштаат и даваат една реална слика за тоа како е да се готви на отворено и поради тоа сметам дека каква било музика е излишна. Видеата претставуваат документирано искуство, ги следат авантурите на „модерниот номад“, а сакаме публиката едноставно да ужива во целото тоа патешествие - дополнува Гонев.

Публиката може да очекува и нови видеа, на кои дополнително ќе работи.

- Готвење во зимски услови секако ќе има и со голем ентузијазам ги чекам тие денови, а се надевам и публиката ќе ужива да го гледа тоа - завршува модерниот номад.



Фото: приватна архива