Нов тест на крвта открива кој орган најбрзо старее

Нов тест на крвта открива кој орган најбрзо старее

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Тестовите би можеле да помогнат да се утврди кој има поголем ризик да ја развие болеста во одреден орган во рок од 15 години, открија американските истражувачи.

Тие можеле да го предвидат напредокот на Алцхајмеровата болест и да им помогнат на луѓето да добијат третман пред да се разболат.

- Можеме да ја процениме биолошката старост на органот кај очигледно здрава личност - вели професорот Тони Вис-Корај од Универзитетот „Стенфорд“.

Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр“, користело вештачка интелигенција за да ги процени нивоата на протеини во крвта со помош на тест. Тоа се фокусирало на 11 клучни органи, органски системи или ткива, вклучувајќи ги мозокот, срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб, панкреасот и цревата, како и имунолошкиот систем, мускулите, мастите и циркулаторниот систем.

За да го обучи алгоритамот, тимот ги проверил нивоата на речиси 5.000 протеини во крвта на 1.398 здрави пациенти во Истражувачкиот центар за Алцхајмерова болест „Најт“.

Тие биле на возраст од 20 до 90 години, но најмногу биле на средовечна возраст или постари. Истражувачите ги означиле сите протеини чии гени се активирале четирипати повеќе во еден орган отколку во друг.

Истражувачите пронашле 858 протеини специфични за органите и го „истренирале“ алгоритамот да ја погоди возраста на личноста врз нивна основа. Така, тимот успеал да го тестира алгоритамот на вкупно 5.676 пациенти во пет групи.

Речиси 20 отсто од пациентите покажале „силно забрзано стареење“ на еден орган, додека 1,7 отсто покажале стареење на повеќе органи. Истражувачите велат дека забрзаното стареење на органи носи од 20 до 50 отсто поголем ризик од смртност.

Оние со забрзано стареење на срцето имале 250 отсто поголеми шанси да имаат срцева слабост, додека забрзаното стареење на мозокот и на крвните садови може да ја предвиди прогресијата на Алцхајмеровата болест подобро од најдобриот актуелен биомаркер базиран на крв.

- Ако можеме да го репродуцираме ова откритие кај 50.000 или 100.000 поединци, тоа ќе значи дека со следење на здравјето на поединечните органи кај очигледно здрави луѓе ќе можеме да најдеме органи кои се подложени на забрзано стареење во човечките тела и ќе можеме да ги лекуваме луѓето пред да се разболат - изјави професорот Вис-Корај.

Извор: Klix.ba
Фото: Freepik