Инсталирање системи за вентилација е решение за проблемот со загадениот воздух, универзитетите можат да одвојат дел од буџетот за тоа, велат од МОН

Инсталирање системи за вентилација е решение за проблемот со загадениот воздух, универзитетите можат да одвојат дел од буџетот за тоа, велат од МОН

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Учениците во основните и средните училишта, како и децата во градинките, дишат загаден воздух додека посетуваат настава или се во дневниот престој во предучилишните установи затоа што воздухот во затворени простории има исти вредности во зимските месеци, а во топлите е уште позагаден отколку надворешниот.

Ова се фрапантните податоци од студијата „Справување со загадувањето на воздухот“, која ја спроведе УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

- Релативно слично е загадувањето во сите пет града во училиштата, средните вредности се движат од 40 до 80 микрограми на кубен метар просечна концентрација на ПМ2,5. Ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација речиси за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки кои би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците - истакна професор д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.



Тој вели дека внатрешниот воздух во затворена просторија е поголем проблем за децата и може да се влијае со повеќе решенија: од современи системи за вентилација до едноставни системи со филтрација на воздухот кои ќе ја намалат концентрацијата на суспендирани честички во реални услови до 80 отсто.
Нема пробивање од надворешниот во внатрешниот воздух затоа што денес училиштата се објекти со висока енергетска ефикасност и изолација, но студијата покажа дека ги надминуваме препораките на СЗО речиси за двапати и неопходно е да се преземат мерки кои би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците.

Борбата со загадениот воздух во училиштата и во градинките е во надлежност на општините и тоа е активен процес. Во последните години општините постојано објавуваат дека набавуваат прочистувачи за училиштата и градинките иако динамиката е бавна, што самата студија на ГДУ го покажа.
Студентите никој не ги споменува, но проблемот со загадувањето на универзитетите е оставен на самите институции како автономни тела.

- МОН ги финансира универзитетите, односно префрла средства за исплата на плати и режиски трошоци, а зависно од потребите, инвестира средства за подобрување на условите. Универзитетите се автономни установи и тие обезбедуваат дополнителни приходи во своето работење, од кои веруваме дека можат да одвојат дел за подобрување на квалитетот на воздухот - истакнаа од Министерството за образование и наука.

Од невладината еколошка организација „О2 Иницијатива“ велат дека еколозите се на иста линија со дадените препораки во студијата и тоа е инсталирање системи за вентилација, иако е и најскапо решение.

- Ние сме на иста линија со дадените препораки во студијата, а тоа е инсталирање на системите за вентилација, но тоа е најскапо решение и во веќе изградени училишта и градинки претставува предизвик. Второто решение е поевтино и полесно за имплементација, а тоа е инсталирање на прочистувачи на воздух со системи за филтрација со високоефикасни HEPA-филтри кои треба редовно да се менуваат. Поставување уреди кои редовно ќе го мерат квалитетот на воздухот во просториите за да се знае дали даваат резултат преземените мерки - истакна Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.



Оттаму велат дека наместо партиски препукувања кој е виновен, треба да се направат сериозни мерки и стратегија.

- Нема стратегија и јасно дефиниран акциски план кој ќе се следи без оглед кој е на власт. Потребно е синергистичко дејствување за да се адресираат сите извори на аерозагадување, од менување на начинот на греење на јавните институции, домаќинствата, поставување филтри онаму каде што тоа не е можно, јавен сообраќај со ниски емисии, менување на закони за задолжителни еконалепници на возилата кои ќе одредат дали возилото може да се движи по улиците во загадени денови, зајакнување на инспекцијата, носење на законот за контрола на индустриски емисии кој ќе постави построги гранични вредности на емисиите од индустријата... Но ова отсуствува и решавањето на проблемот со аерозагадувањето останува на маргините - коментира Чакулев.

Поради аерозагадувањето, во земјава прерано умираат над 3.500 лица, но зависно од загадувањето во одредена година, оваа бројка може да е поголема или помала. Околу 18% од вкупната смртност во државата се должи на аерозагадувањето. Според УНИЦЕФ, секој 9. смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух.

- Најголема смртност се должи на исхемичната срцева болест, а потоа на мозочниот удар. Но тука е и дијабетесот, хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), ракот на белите дробови. Како болест предизвикана од аерозагадувањето, тука е и астмата.
Според Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата помеѓу 500 и 900 милиони долари годишно, при 1.600 прерано починати годишно, еквивалентно на 5,2%–8,5% од БДП во 2016. Но, овие бројки се многу поголеми ако земеме дека бројот на починати препишани на аерозагадувањето е многу поголем, барем два пати поголем, според Европската агенција за животна средина, што би значело околу 1,8 милијарди долари годишно.
Нашиот став е дека државата треба да им плати на граѓаните одреден вид репарација поради изложеност на аерозагадувањето и несправување со него. Се надеваме дека со транспонирање на најновата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух, каде што се бара воведување на конкретна компензација поради влијанието на аерозагадувањето врз здравствената состојба на граѓаните, ќе се создаде подлога за вакви репарациони механизми - образложи активистката.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека итни политики што треба да се спроведат за почеток за да се намали загадувањето се одвојување доволно средства од централниот буџет и од општинските буџети, да се изменат одредени закони за да се намали аерозагадувањето, како законот за возила во врска со еколошката категоризација на возилата, носење на законот за контрола на индустриски емисии, да се овозможи преку комуналната инспекција/полиција ефикасно решавање на палењето на отворено.


Фото: Орце Костов