„Челинџер“ - апликација на Олга, Теодора, Стефан и Митко го наградува секој поминат километар. Го чисти воздухот и поттикнува екооднесување

„Челинџер“ - апликација на Олга, Теодора, Стефан и Митко го наградува секој поминат километар. Го чисти воздухот и поттикнува екооднесување

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ја создадовме „Челинџер“ затоа што мислевме дека недостига алатка која ќе создаде општествено одговорна заедница, велат иницијаторите на апликацијата

„Челинџер“ е мобилна апликација која го наградува секој поминат километар при пешачење, трчање или планинарење. Олга Рајчиќ, Теодора Чижбаноска, Стефан Алексиќ и Митко Орцев се творци на апликацијата, кои преку нејзиното лансирање се обидуваат да придонесат за посовесно општество, почист воздух, екооднесување, како и да ги предизвикаат луѓето да користат алтернативен транспорт.

Зелена екосвесна алатка

- Ја создадовме „Челинџер“ затоа што мислиме дека недостига алатка која ќе создаде општествено одговорна заедница. Свесноста за аерозагадувањето постои, и расте, па сакавме ние да помогнеме при визуализацијата дека секоја мала активност, направена од многу голема заедница, може да има голем импакт во нашето општество. Сакаме да ги наградиме веќе свесните граѓани, да им кажеме „благодарам“ и „браво“ преку наградувањето. А, од друга страна, сакаме да ги мотивираме оние помалку свесните да ги остават своите автомобили дома - вели Олга, дел од иницијаторите на апликацијата.

Таа потенцира дека „Челинџер“ не е трекинг-апликација, односно самата не ги мери поминатите километри, туку ги презема километрите од веќе постојни сервиси кои се специјализирани во оваа област.



-За Андроид: користиме Google Fit API. Google Fit препознава активност и мери дистанца. Со самото отворање на мобилната апликација Challenger – таа автоматски ги повлекува километрите од Google Fit. За iOS сите вредности се преземаат од апликацијата Apple Health. Таа автоматски го мери пешачењето. Со самото отворање на Challenger таа автоматски повлекува километри од apple health. Во нашата апликација имаме вклучено гејмификација бидејќи веруваме дека елементи на игра може позитивно да влијаат врз однесувањето и навиките на луѓето. Конкретно, нашата замисла е да влијаеме врз изборот на средства за транспорт. Па така, на апликацијата може да најдете предизвици кои носат директни награди по поминување одреден број километри пешки. Секој километар носи поени, кои подоцна корисниците може да ги искористат за добивање попуст од локални бизниси - објаснува Олга.

Повеќе километри - поголем попуст

Таа вели дека постојано работат на зголемуваме заедница на „челинџери“.

- Често објавуваме блогови од нашите корисници, нашите еко-супер-херои, бидејќи сметаме дека имаат да споделат навистина инспиративни зборови и приказни. Сакаме да мотивираме што е можно повеќе луѓе да се пренасочат кон алтернативните методи на транспорт. Се надеваме дека бројот на бизниси што се општествено одговорни исто така ќе расте заедно со нас. Се надеваме дека со поените, односно поминатите километри, ќе можеме да добиваме попусти во секаков вид локали….од пиво, до масажи, кино, супермаркети, патувања и слично. Поените се собираат многу лесно, со секој километар поминат пешки, со трчање или планинарење. Наскоро корисниците ќе собираат поени и на велосипед. Ќе објавиме дополнително кога ќе бидеме спремни :) Приближно за 200 поени може да се добие попуст од 10% кај некој локал, а овие 200 поени, грубо, се освојуваат за поминати 40 км. Директните награди од предизвиците се освојуваат со повеќе поени, 1.000-1500 - објаснува Рајчиќ.




Позитивни критики

Корисниците позитивно реагираат на оваа алатка и нивниот број секојдневно расте, па во моментов има околу 3.200.

- Досега веќе ни е јасно што им се допаѓа на корисниците, кои функционалности би сакале да ги вклучиме и каде се нашите слабости (од технички аспект). Со тимот редовно имаме состаноци на кои правиме приоритети што следно треба да работиме. Важно е дека корисниците се активни. Позитивните зборови од нашата заедница секојдневно ни даваат сила да се трудиме да бидеме подобри - додава таа.



Досега сите корисници имаат поминато вкупно 230.000 километри и се заштедени приближно 60.900 кг/м3 јаглероден диоксид, а за корисниците, велат од „Челинчер“, се доделени 500 награди и купони за попуст.