Колку време треба да помине по примањето на вакцината за луѓето да можат да патуваат?

Колку време треба да помине по примањето на вакцината за луѓето да можат да патуваат?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали ќе можете да патувате веднаш штом ќе добиете вакцина против Ковид-19? Одговорот е комплициран и ги вклучува личниот ризик и безбедноста на другите.

Поголемиот дел од земјите не воведуваат задолжително вакцинирање против Ковид-19. Но, со текот на времето речиси сигурно ќе го направат тоа некои земји, институции и туристички бизниси.

Директорите на авиокомпаниите веќе се изјаснија дека во иднина нивните авиони ќе прифаќаат патници што ќе дадат доказ дека се вакцинирале. Забавните паркови низ целиот свет исто така ја разгледуваат вакцинацијата како услов за влез, а линиите за крстосување веќе им наредија на нивните адвокати да ги испитаат законитостите на таквото барање.

Јасно е дека потребата на патниците за вакцинација најверојатно ќе се разликува во зависност од начинот на транспорт и крајната дестинација. Дури и ако вакцината не е услов, веројатно ќе биде клучот за полесен влез.

Она што не е толку јасно е колку треба да чекате по вакцинирањето за да можете да патувате.

Врз основа на досегашното знаење, еве што мислат експертите.

Ризиците за вас


Прво, треба да ги добиете сите дози за да одлучите нешто. Според официјалното здравствено упатство во Обединетото Кралство, вакцината на „Фајзер/Бајонтек“ е дизајнирана да се дава во две дози. За примање на втората доза, треба да поминат 21 ден, додека вакцината на „Астра зенека“ вклучува две вакцини на период од 4 до 12 недели. Вакцината на „Модерна“ се состои од две дози на период од 28 дена.

Иако некои луѓе сметаат дека првата доза е дозвола за патување, немојте да мислите дека ќе живеете нормален живот - едноставно нема податоци дали ќе бидете соодветно заштитени или дали можете да заразите други луѓе. Дури и не се знае дали или колку често ќе треба да се ревакцинираме.

Податоците не покажуваат со сигурност дали вакцинираното лице сè уште може да го пренесува вирусот.

Да претпоставиме дека вакцинираните лица не се отпорни на инфекцијата. Како што објаснуваат од „Џонс Хопкин“, вакцината што е ефикасна 95 отсто значи дека околу 1 од 20 лица што ја добиваат можеби нема заштита од болеста.

Поради тие причини, од „Џонс Хопкин“ советува луѓето да продолжат да носат маски и физички да се дистанцираат сè додека не се дознае колку добро функционира вакцината. Откако ќе се дознае повеќе за заштитата што ја дава вакцината и откако ќе се дознае колку трае имунитетот, тогаш ќе се променат препораките за безбедност.

kovid
Фото: Freepik

Ризикот за другите


Другата причина зошто вакцината не значи слободно шетање е поврзана со математиката.

Ако сите во вашето семејство биле вакцинирани, следува дека ќе можете да продолжите со нормалните интеракции во рамките на тој социјален „балон“. Но, кога ќе ја напуштите таа група, се јавува прашањето поврзано со сите непознати луѓе со кои би контактирале при вашите патувања.

На крајот, научниците се надеваат дека доволен дел од населението ќе ја прими вакцината, така што веројатноста да се сретнете со Ковид-19 ќе се намали. Тоа е концептот на многу дискутираниот, малку сфатениот колективен имунитет.

Светската здравствена организација вели дека со болест како малите сипаници 95 отсто од населението треба да се вакцинира пред да се смета дека преостанатите 5 отсто од невакцинираните лица ќе имаат заштита. За полиомиелитис, процентот е многу помал - околу 80 отсто.

За Ковид-19 и понатаму не се знае целната бројка. Како што велат експертите од Центарот за контрола на болести на САД, не се знае колкав процент од луѓето би требало да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет.

Кон крајот на ноември државниот епидемиолог на САД, Ентони Фаучи, изјави дека таа бројка е некаде помеѓу 75 и 85 отсто. Но, тоа беше пред појавата на нови видови Ковид-19.

Поради сите овие променливи, вакцината не е билет за продолжување со нормалноста.

Многу влади и бизниси се одлучуваат за одложување на отворањето на нивните земји додека не се постигне колективен имунитет.

Тоа не е само претпоставка. Претседателот на австралиската асоцијација, Омар Коршид, неодамна изјави дека очекува системот за 14-дневен карантин при пристигнување во земјата да остане во функција сè додека не се вакцинира ранливото население, а можеби и целата популација. Мислењето на Коршид го повторија и шефовите на неколку австралиски држави, кои воспоставиле карантински правила.

Значи, можно е да се патува по вакцинирањето - но сè уште нема да бидете целосно заштитени и сепак ќе мора да ги следите локалните здравствени ограничувања и протоколи затоа што потенцијално може да се разболите или да ја пренесете болеста на други без да знаете.

За целосна заштита, ќе мора да го чекаме колективниот имунитет, што значи вакцинирање на што повеќе луѓе.

Дали ќе ви биде дозволено слободно да патување откако ќе се вакцинирате? Тоа зависи од тоа колкав ризик се подготвени да прифатат владите и деловните субјекти.

Поради преоптоварените здравствени системи и долготрајниот потенцијал за повторно ширење на вирусот, не очекувајте секое место да ги пречекува вакцинираните лица со раширени раце додека не се постигне колективен имунитет. Дотогаш, резултатите од тестовите ќе останат клучен чувар на вратата.

Извор: Frommers.com
Фото: Freepik