Анксиозноста е посилна ноќе - дали грижата сама по себе ќе ги реши нашите проблеми?

Анксиозноста е посилна ноќе - дали грижата сама по себе ќе ги реши нашите проблеми?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Анксиозноста, придружена со постојана напнатост и исчекување на најлошото можно сценарио, често е маскирана со секојдневните обврски во текот на денот. Симптомите на анксиозност, сепак, можат да станат исклучително силни кога сè ќе се смири и кога човек ќе остане сам, особено ноќе, објаснуваат експертите.

Хипотезата „Мисли по полноќ“ била опишана во 2022 година и подразбира дека кога се будни по полноќ, повеќето луѓе доживуваат неврофизиолошки промени во мозокот кои влијаат врз контролата на импулсите и обработката на информациите. По полноќ, според студијата, се зголемува ризикот од самоубиство, злоупотреба на дрога, а промените на расположението се случуваат помеѓу 1 и 4 часот по полноќ. Студија од 2024 година наведува дека симптомите на анксиозност се најизразени околу 8 часот наутро, 16 часот попладне и еден час по полноќ. Но, се забележува дека симптомите се најтешки во вечерните часови.

Нереалниот страв е најчест симптом, можна е несоница или сон придружен со чести будења. Можни се и физиолошки реакции - отежнато дишење, тахикардија, гадење, напнатост и болка во мускулите на вратот и рамото, вртоглавица.

Човечкото тело природно функционира со биолошки часовник (циркадијален ритам) кој го контролира чувството на глад и потребата за сон. Деноноќниот ритам е биолошки часовник кој регулира многубројни процеси во мозокот, со што ги координира денот и ноќта и други функции на виталните органи, објаснува психологот д-р Ребека Кокс од Универзитетот на Вашингтон и една од авторките на споменатата студија.

- Колку подолго сме будни, толку е поголема нашата потреба за сон. Одредени механизми го спречуваат спиењето во текот на денот, но тие исчезнуваат во текот на ноќните часови. Кога сме поспани, но сè уште сме будни, нашите когнитивни способности не функционираат толку добро како во текот на денот. Една од последиците е послаба контрола на емоциите - вели Кокс.

Вака експертите ја објаснуваат поголемата употреба на алкохол и дрога во текот на ноќта и послабата контрола на агресивните облици на однесување.

- Повеќето облици на нездраво однесување е потешко да се контролираат доцна навечер. Кога сме вознемирени во текот на денот, можеме да разговараме со семејството и пријателите, но проблемот е ноќе кога генерално ја немаме таа можност - вели Кокс.

Истражувачот за анксиозно растројство д-р Џефри Строун од Истражувачката програма на Медицинскиот колеџ при Универзитетот во Синсинати забележува дека во текот на ноќта нема секојдневни обврски кои понекогаш успешно нè одвојуваат од нашите проблеми.

- Во текот на ноќта сè се смирува и можно е да се врати таа „трема“. „Почнувате да размислувате за тоа што ако се случи нешто лошо - вели Строун.

„Утрото е помудро од вечерта“ е популарно мислење засновано на идејата дека не треба да донесуваме никакви одлуки навечер кога сме вознемирени. Кога спиеме доволно, нашиот мозок работи подобро. Истражувањето во голема мера го поддржува ова мислење. Вознемирените луѓе често спијат лошо, што ги влошува нивните проблеми. Од друга страна, проблемите со спиењето можат да бидат и увертира за анксиозност. „Добриот сон е лек“, потврдува д-р Строун.

Здравите животни навики се клучни фактори за контролирање на симптомите на анксиозност. Препорачливо е да спиете во малку поладна, тивка и темна просторија, важно е да го ограничите внесот на кофеин и секогаш да легнувате во исто време.

Превенцијата е најдобриот лек, велат експертите, па добро е да одвоиме 10 минути дневно (не веднаш пред спиење) за да размислуваме за она што нѐ мачи, вели Браун. Ако тоа ви помогне, се препорачува да ги запишете вашите грижи. Вознемирените луѓе честопати ги преувеличуваат проблемите. Психолозите наведуваат дека ја разбираат загриженоста, но и предупредуваат дека грижата сама по себе не решила никаков проблем. Конструктивен разговор со блиска личност или добар терапевт може да ни помогне да ги погледнеме проблемите од сите агли и да преземеме чекори за нивно решавање.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik