Дали терапевтските кучиња навистина ја сакаат својата работа?

Дали терапевтските кучиња навистина ја сакаат својата работа?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Зошто има недостиг на терапевтски кучиња? Корисноста на терапевтските кучиња е добро документирана. На пример, најновото издание на „Прирачникот за терапија со помош на животни“ прикажува над 500 страници материјал што документира стотици студии кои ја покажале корисноста на терапевтските кучиња при многу психолошки проблеми.

Докажано е дека терапевтските кучиња се корисни при справувањето со емоционалните прашања кои се движат од тешки, како што се самоубиствена депресија и посттрауматско нарушување, до поумерени емоционални тешкотии, како што е стресот пред испит кај студентите. Секако, во Северна Америка постојат многу здруженија за терапевтски кучиња, кои се подготвени да обезбедат кучиња за да помогнат во намалувањето на нивото на стрес кај емоционално ранливите поединци, но таквите групи зависат од волонтерите кои ги носат своите кучиња на сесии за терапија и, за жал, нема доволно.

Една од причините зошто нивната бројка е мала е затоа што волонтерството за користење на вашето куче на сесии за терапија бара временска посветеност, а на повеќето кучиња им е потребен одреден тренинг и честопати некаков официјален сертификат за да се користат во такви програми. Но, постои уште една, можеби пофундаментална причина, а тоа е колебливост од страна на сопствениците на кучињата поради грижата за благосостојбата на нивните миленици. Факт е дека некои луѓе цврсто веруваат оти поврзувањето на кучињата со луѓе кои доживуваат напнатост и емоционални превирања е стресно и непријатно за самото терапевтско куче.

Некои сметаат дека присилувањето на кучето да се вклучи во тераписки сесии е форма на злоупотреба на животните. Од кучето се бара да се дружи со луѓе кои можеби се во нестабилна емоционална состојба и можеби даваат негативни вибрации.

Има студии што го разгледувале прашањето дали терапевтските кучиња се под стрес или се соочени со ситуација што е емоционално штетна за нив, но нема конечни податоци што потврдуваат дека е така.

Најновата студија за ова прашање, во која главен истражувач е Катерина Кохуткова, била спроведена на Чешкиот универзитет за животни науки во Прага. Тоа не било особено голема студија бидејќи биле вклучени 15 кучиња со долгорочно работно искуство со интервенции кои подразбирале помош од животни, но имало голем број внимателни мерки кои вклучувале хормонални тестови и набљудување на однесувањето. Овие истражувачи го користеле количеството на хормонот на стрес, кортизол, како показател за емоционалната состојба на кучињата. Количината на присутен кортикостероид е прифатена мерка за стрес, напнатост и анксиозност кај луѓето, како и кај кучињата. Примероците биле собрани со помош на едноставен памук за да се собере дел од плунката на кучињата. Примероците биле земани во текот на четири работни дена (кога кучињата учествувале на редовна тераписка сесија) и четири контролни дена (кога немало тераписка сесија). Секојпат се преземале три мерки, една пред терапија, една веднаш потоа, а последната 30 минути по терапијата.

Резултатите биле прилично јасни. Анализата на хормоните на стрес покажала дека нема разлика во нивото на стрес што го доживеале кучињата во деновите на нудење терапија наспроти деновите кога не биле во улога на терапевтски кучиња. Немало зголемување на нивото на кортикостероиди како последица на вклучување во тераписката сесија или подоцна.

Набљудувачката анализа на однесувањето на кучињата за време на реалните тераписки сесии, исто така, не покажала никакви последователни знаци на стрес. Околу 81 процент од сите забележани однесувања биле пријателски и позитивни, што укажува на тоа дека кучињата уживале во нивните тераписки сесии. Од многуте забележани набљудувања на однесувањето, само 3 проценти одговарале на класификацијата за висок стрес на истражувачот. Најчеста појава била проѕевањето, по што следувале неколку случаи на спуштени уши надолу.

- Врз основа на резултатите, може да се заклучи дека интервенцијата со помош на животни не претставува значително оптоварување за тестираните кучиња. Тие ги перципираат работните денови како секој друг нормален ден, па уживаат во работата - заклучиле авторите на студијата.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik