Изненадувачки причини зошто може да почувствувате вртоглавица

Изненадувачки причини зошто може да почувствувате вртоглавица

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Вртоглавица (латински: vertigo) е субјективно чувство дека некое лице се врти (субјективна вртоглавица) или дека предмети се вртат околу него (објективна вртоглавица). Во реалноста, вртоглавицата е само симптом што укажува на нарушување во центарот за рамнотежа. 

Вртоглавиците може да бидат придружени со симптоми како што се тетеравење, главоболки, чувство на блага несвестица и непријатно чувство на страв. Може да се случи лицето што страда од вртоглавица да колабира.

Околу 30 проценти од луѓето страдаат од проблеми со вртоглавица или зашеметеност. Можат да се појават на која било возраст, но најчести се кај постарите луѓе, кога е нарушена циркулацијата на крвта во мозокот.

Постојат два вида вртоглавица - централна вртоглавица, која потекнува од мозокот и периферна вртоглавица, кога причината за болеста се наоѓа во внатрешното уво.

Периферната вртоглавица е предизвикана од зафаќање на внатрешното уво или вестибуларниот нерв. Централната вртоглавица, од друга страна, е предизвикана од структури во централниот нервен систем, како што се мозочното стебло и малиот мозок.

Периферниот вид вртоглавица се активира со специфично движење или положба на главата, на пример, кога сакаме да смениме светилка и ќе погледнеме нагоре или кога ќе посегнеме по некој предмет што е на повисока полица. Се ослободуваме од неа кога положбата на главата се враќа во првобитната состојба. Вртоглавицата може да биде придружена со други симптоми, како што се чувство на анксиозност или повраќање. Ваква вртоглавица може да доживеат луѓето со мигрена, оние што имале некаква повреда на главата или инфекции на средното уво и синуси.

Сепак, тоа може да биде предизвикано и од дегенеративни промени по повреда на цервикалниот 'рбет.

Централниот вид вртоглавица, од друга страна, може да се манифестира како симптом на мозочен удар, тумор, хеморагија, повреда, нарушувања на церебралната циркулација, тешки невролошки заболувања, анемија, висок или низок крвен притисок, нарушувања на видот или на тироидната жлезда и како резултат на консумирање никотин, алкохол, кофеин или дрога.

Причините за вртоглавица може да бидат и психогени. Може да се појави поради анксиозност, вознемиреност, проблеми со партнерот, долготрајна изложеност на стрес, страв, исцрпеност или кога наеднаш ќе престанеме да земаме антидепресиви.

Ако повремено се појавува вртоглавица, тоа обично не е причина за тревога. Исто така, нискиот крвен притисок може да предизвика вртоглавица, па дури и моментално губење на свеста. Важно е да се запамети дека кај луѓето со низок крвен притисок, тој може да опадне уште побрзо кога ќе станат нагло, во стресни околности или по обилен оброк.

Јадењето лук дополнително го намалува крвниот притисок и може да предизвика вртоглавица.

Доколку вртоглавицата е честа и постојана, неопходен е систематски преглед. За да ја откријат причината за вртоглавицата, лекарите користат различни тестови кои ја откриваат вистинската слика за нарушувањето. Покрај лабораториските тестови на крвта, кои можат да откријат различни анемии, нарушувања на згрутчувањето на крвта, инфекции и нарушувања на концентрацијата на електролити, се користат и радиолошки техники за визуализација и сликање.

Меѓу другото, вртоглавицата можете да ја елиминирате и со помош на здрава и правилна исхрана. Погрижете се да јадете неколку мали оброци на ден и да одржувате стабилно ниво на шеќер во крвта. На телото му требаат и соодветни количини на витамини од Б-комплексот, затоа јадете зелен листест зеленчук, како блитва, кељ, брокула, спанаќ и кафеав ориз или земајте додатоци во исхраната.

Ѓумбирот може да помогне и при вртоглавица придружена со гадење.

Вежбите за рамнотежа како јога, таи чи или слично можат да помогнат во некои случаи. Се препорачува да ги започнете вежбите веднаш штом ќе почнете да имате проблеми со вртоглавица.

Доколку забележите дека вашата состојба не се подобрува и дека вртоглавицата е честа појава, задолжително посетете го вашиот матичен лекар, кој исто така ќе ви предложи соодветен третман врз основа на причината.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik