Слушнете како звучи тригодишен Сончев „огномет“

Слушнете како звучи тригодишен Сончев „огномет“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сонцето, кое сѐ уште не го достигнало својот максимум во својот 11-годишен циклус, продолжува да нѐ фасцинира со глетки што го одземаат здивот.

Сите знаеме за поларната светлина која нуди неверојатна глетка, а е предизвикана од зголемената активност на Сонцето. А како што стојат работите, се чини дека оваа година ќе ни донесе уште повозбудливи спектакли на ноќното небо.

Неодамна, Европската вселенска агенција објави видео кое ја прикажува зголемената активност на Сонцето.



Овој фасцинантен приказ се заснова на податоци собрани во последните три години од мисијата „Солар орбитер“, која ги документира интензитетот и појавата на Сончеви блесоци.

Музичарот Клаус Нилсен ги трансформираше овие податоци во уникатно аудио-визуелно искуство.

Видеото ги комбинира ултравиолетовите снимки од надворешната атмосфера на Сонцето со мапа на Сончевите блесоци означени со сини кругови, овозможени со спектрометарот и телескопот на Х-зраци, познат како СТИКС.

Секој блесок има свој звучен потпис, при што острината на звукот ја рефлектира јачината на зрачењето. Исто така, звукот ги следи промените во оддалеченоста на „Солар орбитер“ од Сонцето.

Сините кругови во видеото ги симболизираат сончевите блесоци, кои се енергетски експлозии снимени со рендгенски зраци.

Колку е поголем кругот, толку е посилен факелот – и овие интензивни настани се трансформираат во метални звуци во процесот на сонификација.

За сите љубители на астрономијата и науката, ова видео дава можност да ја доживеат динамиката на Сонцето на сосема нов начин – како спој на наука, уметност и технологија.

Извор: Tuzlanski.ba
Фото: NASA