Голема градежна грешка: Оваа зграда топи автомобили и крши излози
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Поради својот впечатлив дизајн, облакодерот на улицата „Фенчрч“ во Лондон е познат како зградата „Воки-токи“. Изграден е во 2014 година како дел од поширок проект за модернизација на центарот на Лондон, според замислата на архитектот Рафаел Виноли.
Првично, зградата требало да биде висока 200 метри, но висината била намалена на 160 метри со 38 ката за да не доминира премногу над другите градби во центарот и да не ја наруши панорамата на градот. Покрај тоа, инвеститорите одлучиле да ги отстранат планираните балкони.
На прв поглед, овие промени изгледале како мали измени во проектот, но нивните последици биле далеку поголеми отколку што некој можел да предвиди. По завршувањето на градбата, било утврдено дека мазната, вдлабната форма на зградата и стаклената површина ги насочуваат сончевите зраци кон објектите во нејзина близина.
Високи температури и сериозни оштетувања
Откриено е дека во топлите сончеви денови, температурите на одбиените зраци можат да достигнат дури 117 Целзиусови степени, што може да предизвика значителни штети.
На пример, регистрирани се случаи кога сончевите зраци го стопиле делот од каросеријата на паркиран „јагуар“ на спротивната страна на улицата, како и ситуации во кои испукале излозите на блиски продавници.
Архитектот Рафаел Виноли се бранел дека зградата не била изградена според неговата оригинална замисла, но и дека не очекувал во Лондон да има толку високи температури.
Поради овие проблеми, облакодерот добил ироничен прекар „Фрајскрапер“, а во 2015 година ја добил и неславната награда „Карбанкл кап“ од списанието „Билдинг дизајн“ за најлошо архитектонско дело.
За да се спречи понатамошно уништување на околниот имот, на јужната страна од горните катови биле поставени сенки кои го блокираат сонцето.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram