Кои земји имаат најмногу сателити во вселената?

Кои земји имаат најмногу сателити во вселената?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во моментов повеќе од 1.950 активни сателити орбитираат околу Земјата, а наскоро би можеле да им се придружат многу повеќе.

Намалените трошоци и зголемената конкуренција предизвикаа зголемување на бројот на комерцијални сателити што орбитираат околу Земјата, кои, за разлика од националните вселенски програми, не ги признаваат националните граници.

Додека некои земји продолжуваат да ја гледаат вселената преку воен објектив, соработките меѓу државите како што е Меѓународната вселенска станица, ги зближија народите за да ги поместат границите на знаењето за универзумот.

Овој дух на соработка доведе до нов вид претприемништво што сака да го искористи неискористениот потенцијал на растечки вселенски сектор.

Амбициозните приватни напори за развој вклучуваат операции за рударство во вселената и програми што им овозможуваат на туристите да доживеат искуство надвор од атмосферата на Земјата.

Исто така, бизнисот е во подем за големиот број приватни фирми кои нудат лансирање на сателитите на приватните клиенти и националните влади. Ова помогна во ширењето на сателитската технологија во помалку богатите земји без сопствени програми за вселената.

Базата на сателитски податоци на Унијата за засегнати научници, непрофитна научна група, покажува дека од ноември 2018 година САД имале 830 регистрирани единици во орбитата. Тој број речиси го надминува вкупниот број на другите земји што се меѓу првите десет. Кина следува со 280, а Русија се најде на третото место со 147.

Изненадува тоа што Луксембург оперира со многу повеќе активни сателити отколку големите европски земји како Германија, Шпанија и Италија. Оваа земја неодамна ја лансира Луксембуршката вселенска агенција, која ги користи можностите за вклучување партнери во индустријата за да ги поттикне претприемачите да ги исполнат своите комерцијални вселенски цели.

Сателитите во сопственост на компаниите во голема мера ги надминуваат оние што ги користи војската, што го одразува растечкиот тренд на приватниот сектор да биде повеќе вклучен во вселенската технологија. Зголемувањето на комерцијалните вселенски операции го зголеми пристапот до сателитски услуги за сите, со што се зголеми и трката за нови учесници на пазарот.

Но, брзањето да се добие повеќе хардвер во орбитата има свои недостатоци. Вселенското ѓубре може да остане многу години, со што претставува потенцијална опасност за другите сателити. Се случиле неколку судири што биле скапи и резултирале отпадокот да се шири во вселената.

Друг потенцијален проблем се пречките во радиофреквенцијата. Кога сателитите се блиску еден до друг и пренесуваат на иста фреквенција, сигналите за комуникација може да бидат попречени. Додека нарушениот ТВ-сигнал може да биде неповолен за гледачите, изгубените научни податоци или мешањето со воениот сателит би можел да има посериозни последици.

За да се обезбеди долгорочна одржливост на активностите на вселената, Комитетот на ОН за мирно користење на вселената подготвува упатства за најдобри практики. Фирмите, владите и креаторите на политиките имаат должност да го подобрат владеењето во вселената, што подразбира помагање на индустријата одговорно да го реализира својот огромен потенцијал.