Адора Лимани, единствена од Македонија што годинава се запиша на „Браун“ во САД: „Целта ми е да му помогнам на мојот регион да се излекува од несоодветните правни системи“

Адора Лимани, единствена од Македонија што годинава се запиша на „Браун“ во САД: „Целта ми е да му помогнам на мојот регион да се излекува од несоодветните правни системи“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од рекордни 51.302 апликанти за упис на Универзитетот „Браун“ во Провиденс, Род Ајленд, САД, годинава беа прифатени само 5 проценти, што значи 2.609, меѓу кои и единствената од Македонија во оваа генерација која од есен ќе студира таму - Адора Лимани од Тетово.

Таа е матурантка во меѓународното училиште НОВА во Скопје и нема помала оценка од петка, но при уписот ги приложи и дипломите од трите летни школи во САД, наградите од различни меѓународни натпревари по креативно пишување и дебатирање, издадени трудови во локални и школски списанија и воннаставните активности во школото и заедницата, особено од областа за женски права зашто таа го основа и првиот феминистички клуб во нејзиното училиште.

Доби целосна стипендија за студирање и сместување

Примена е со целосна стипендија која ги покрива трошоците за студирање, сместување во студентски дом, учебници, здравствено осигурување, па и патувањето до САД.

- Ова многу ми значи, а и на моето семејство. Работев многу напорно низ годините за да го постигнам. Не ми се верува дека ќе учам таму за неколку месеци. Кога го добив писмото дека сум примена, не забележав дека татко ми ја снима ситуација со телефонот. Не можев да верувам, морав да го прочитам неколку пати известувањето за да се уверам дека не е испратено по грешка. Имаше солзи радосници и голема семејна веселба. Тоа беше ноќ без сон. Некогаш го гледам видеото и уште сум емотивна - раскажува Адора.



„Браун“ е приватен универзитет, основан во 1764 година и е еден од осумте најпрестижни универзитети во САД кои спаѓаат во листата со најдоброрангирани универзитети во светот заедно со Харвард, Колумбија, Јејл... Тоа што придонесе Адора да го избере овој универзитет е неговата мисија за служба кон заедницата, преку откривање, комуницирање и зачувување на знаењето. Како водечки истражувачки универзитет во светот, „Браун“ се издвојува со настава насочена кон создавање независни мислители, иновативни соработници и активни глобални граѓани, вклучени во важни прашања за нивната околина и општество. За разлика од повеќето други светски универзитети каде што студентите мора да завршат сет на основни предмети, тука студентот е одговорен за сопственото образование и развивање персонализирана програма на студии наречена „архитекти на сопственото образование“.

„Браун“ ѝ беше прв избор и примена е како ран апликант


- Мисијата и начинот на работа ме поттикнаа да одлучам овој универзитет да биде мој прв избор и да аплицирам како ран апликант. Кога го добив писмото дека сум примена, ми се исполни животната цел да студирам во САД, на една ваква институција. Затоа и немаше потреба за аплицирање на други места, раниот прием не го дозволува тоа. За среќа, „Браун“ беше мој прв избор и универзитет на моите соништа - додава матурантката.



Претходно на „Браун“ студирале еден до двајца Македонци. Универзитетот е познат по културната и демографската разновидност на студентите а професорите се едни од најдобрите истражувачи во нивната област.

Адора вели дека аплицирањето на универзитети во САД е прилично долг и тежок процес, а таа имала искуство од три летни програми во САД во претходните години. Исто така, во училиштето имале академски советник кој ги информирал и ги подготвувал за целиот процес. Но, и за апликацијата биле потребни многу време и труд. Одличен успех и добри резултати од тестовите САТ и ТОФЛ се основните барања за прием. Кандидатите треба да бидат на врвот од својата класа и да имаат просечен успех од 3,94 на скалата од 4,0. Апликациите се оценуваат на холистички начин, „Браун“ бара кандидати кои изучувале попредизвикувачки предмети, но од студентите се очекува да покажуваат резултати од воннаставни активности. Во есејот од апликацијата се бара да ја истакнете вашата вклученост во заедницата и што значи заедницата за вас.

Го основа првиот феминистички клуб на училиште, а сонува да стане обвинител

- Го основав првиот феминистички клуб во моето училиште, се приклучив во Сојузот на средношколци и пишував за локални и школски списанија. Средното училиште и летните програми ми дадоа можност да читам и правна литература, разбирањето на концептите за слобода и правда доведоа до мојата одлука да му се приклучам на тимот за правно дебатирање со кој добивме награда на меѓународен натпревар. За време на една од летните школи пишував независен истражувачки труд каде што открив како теоретските концепти во политичките науки се претвораат во правни рамки. Моето активно учество во дебатирање на модел ОН ми помогна да развијам страст за јавно говорење и аргументирање кое ќе ми служи многу на факултет - истакнува идната студентка.



Сака да студира политички науки и филозофија, но планира да запише и предмети по креативно пишување и уметност. Отсекогаш била заинтересирана за глобална политика и филозофија, но крајна цел ѝ е правото.

- По правните студии, мојата крајна цел е да станам обвинител на Меѓународниот кривичен суд бидејќи сакам да му помогнам на мојот регион да се излекува од несоодветните правни системи. Се надевам дека ќе ги користам алатките што „Браун“ ќе ми ги обезбеди за да развијам разбирање за правните теории и нивните интердисциплинарни врски со политичките теории, како и јавните политики. Се надевам дека отворената природа на програмата ќе го прошири моето правно знаење и ќе ми помогне во развивањето на вештините неопходни за да ѝ служам на мојата заедница во иднина - вели Лимани.


Фото: приватна архива