Неочекувано откритие може да покаже како навистина настанала Месечината
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Месечината, природниот сателит на Земјата, крие многу тајни за кои современата наука сè уште нема одговор. Сепак, со секое ново истражување сме чекор поблиску до подобро разбирање не само на потеклото на Месечината, туку и на самата Земја.
Едно такво откритие објавија кинески научници. Истражувањето го спроведе тим предводен од професорот Ху Сен од Институтот за геологија и геофизика при Кинеската академија на науките, а е објавено во научното списание „Нејчр“.
Кинеските научници ги анализирале примероците од Месечевата почва собрани за време на кинеската лунарна мисија „Чанг’е-6“ и откриле дека примероците од поблиската страна на Месечината содржат повеќе вода во споредба со оние од подалечната, често нарекувана темната страна на Месечината.
Иако станува збор за мали количини пронајдени на двете страни, разликата е очигледна и не се смета за случајна.
Според истражувањето, овој резултат може да понуди клучен увид во формирањето на Месечината и нејзината термохемиска еволуција.
Научниците со години забележуваат дека површината на поблиската и подалечната страна на Месечината се разликуваат не само по изглед, туку и по состав. Така било откриено дека поблиската страна има поголема концентрација на ториум.
Ова откритие, заедно со податоците за поголема застапеност на вода на поблиската страна, според научниците, укажува на можна хемисферна дихотомија во внатрешната распределба на водата на Месечината.
Дополнително, тие нагласуваат дека оваа разлика во количината на вода на нејзината површина укажува на важна улога на водата во долгорочната еволуција на Месечината.
Потребни се понатамошни истражувања за да се утврди како овие откритија може да помогнат во разбирањето на потеклото на Месечината, а потоа и на нејзината улога во настанокот на Земјата.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik