Доктор Иво Кирковски раскажува како се третираат критично болните од Ковид-19 во Германија

Доктор Иво Кирковски раскажува како се третираат критично болните од Ковид-19 во Германија

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Досега пациентите имаа најголеми придобивки од т.н. Prone Positioning, т.е. вртење на стомак во времетраење од 16 часа. За време на терапијата со респиратор пациентите се под дејство на аналгетици и седативи во т.н. „вештачка кома“ за да ја толерираат самата терапија, објаснува д-р Кирковски

Со повеќе од 170 илјади заразени, а со околу 7.500 смртни случаи, Германија покажува најдобри резултати во третманот на заболените од Ковид-19. Како оваа земја дојде до ниска стапка на смртност, како се лекуваат заболените, критичните случаи? Ова се само дел од прашањата на кои ни одговори битолчанецот Иво Кирковски, специјализант по анестезија и интензивна медицина во клиника во германскиот град Вердау. Тој веќе неколку години работи во оваа клиника, односно специјализира на одделот за анестезија и интензивно лекување.



Д-р Кирковски објаснува дека „Плајсентал клиника, Вердау“ (Pleissental-Klinik Werdau) е акутна клиника. Се наоѓа во Саксонија, има капацитет од 270 болнички кревети и опслужува два соседни града од по 20.000 жители.
- Клиниката има одделение за интерна медицина, педијатрија, општа и висцерална хирургија, трауматологија и ортопедија, гинекологија и акушерство, анестезија и интензивно лекување каде што јас работам и специјализирам.
На интензивна нега во моментот имаме 10 кревети, од кои 6 се за механичка вентилација. Поради корона-пандемијата, бројот на кревети за механичка вентилација е зголемен на 8, сите елективни операции се одложени и се вршат само итните - вели д-р Кирковски, кој во Германија заминал поради можноста да го работи и специјализира тоа што го сака, како и можноста за самостоен живот.

Д-р Кирковски

Со 171.999 позитивни случаи, а 7.569 смртни случаи, заклучно со вчерашната состојба, Германија покажува дека е една од земјите што најдобро се борат со вирусот, односно дека здравствениот систем е подготвен за пандемијата. Која е тајната, може ли да ни откриете како Германија успеа да има толку ниска стапка на смртност? Каде, според Вас, згрешија другите земји во кои има навистина многу смртни случаи, особено Италија, Франција, Шпанија...

- Првичните анализи покажуваат дека ниската стапка се должи на релативно навременото воведување на кризните мерки и големите капацитети за третман на пациентите и големиот број (еден од највисоките во светот) на интензивни кревети. Конкретно 28.000 интензивни кревети, од кои 20.000 за механичка вентилација. Поради Ковид-19, бројката се зголеми на 40.000, од кои 30.000 се за механичка вентилација.
Тоа ѝ овозможи на Германија да не дојде во ситуација да мора да тријажира (дава приоритет) критични пациенти според возраст и/или заболувања, туку да може да ги третира сите пациенти. Бројното тестирање, епидемиолошки кластер, изолација. Постои координативен центар и вмрежување на болниците. Секојдневно се ажурира бројот на слободни кревети достапни за пациенти со Ковид-19 и во случај на полн капацитет се има увид во најблиската алтернатива и навремена распределба на пациентите. Конкретно во мојата болница, во ситуација на полн капацитет и преоптовареност, прераспределивме пациенти во соседните болници. И во најголемиот пик капацитетите на германските болници беа далеку од исполнети. Генерално се работи за добар здравствен систем, стратегија и организација.
Што се однесува до големиот број смртни случаи во Италија, сметам дека тоа се должи на тоа што како прва европска земја што се соочи со вирусот, беше недоволно подготвена. Исто така, и немањето искуство и задоцнетото воведување на заштитните мерки.


Методите за лекување на пациентите, особено критичните случаи, сѐ уште се предмет на дискусии во светот. Добиваме различни информации за тоа како секоја земја постапува и кој е најефикасниот начин за лекување. Како Вие во Вашата клиника се справувате во овој дел, како се лекуваат пациентите што имаат потешки симптоми или се во критична состојба?

- Критичните пациенти кои се префрлуваат на интензивна нега се вообичаено пациенти со тешко оштетување на белодробната функција, па затоа се интубираат и се поставуваат на механичка вентилација. Обично пациентите подолго време се зависни од механичка вентилација, па затоа обично седмиот ден се врши хируршки трахеотомија, вештачки отвор на дишникот, за да се подобри квалитетот на терапијата со респиратор. Досега пациентите имаа најголеми придобивки од т.н. Prone Positioning, т.е. вртење на стомак во времетраење од 16 часа. За време на терапијата со респиратор пациентите се под дејство на аналгетици и седативи во т.н. „вештачка кома“ за да ја толерираат самата терапија.
Покрај нарушената белодробна функција, најчесто пациентите се и кардиоциркулаторно нестабилни, може да е нарушена бубрежната функција, функцијата на црниот дроб и самата крвна коагулација. Сето ова дополнително ја влошува и комплицира состојбата на пациентите. Предизвик претставува и самото одвикнување на пациентите од респиратор, така што некогаш мора некои пациенти да се префрлат во таканаречени Weaning центри - специјализирани за тоа. И покрај сите напори, смртноста на пациентите што се на респиратор изнесува околу 60%. Конкретно во мојата болница терапијата со крвна плазма, антималарикот хлорокин и тоцилизумаб (блокатор за рецепторот на интерлеукин-6) и ремдезивир не се применува, но некои универзитетски клиники ја испитуваат оваа терапија.




Од вашето лично искуство, дали досега сте се справувале со нешто слично, како би ја опишале одблизу борбата со Ковид-19?

- Зависно од која гледна точка пристапуваме. Пациенти со ваква тешка клиничка слика постојано се лекуваат на интензивна нега, но бројката на пациенти заболени од овој вирус што имаат потреба од интензивно лекување е голема. Предизвикот е во тоа да се третираат сите пациенти засегнати од коронавирусот, а воедно да не се запостават другите пациенти со други заболувања.

Каков е протоколот за примање на пациентите во болниците во Германија. Што всушност треба да направи еден граѓанин ако ги почувствува симптомите?

- Како и во Македонија, и овде важат истите правила. Пациентите со симптоми се јавуваат кај матичен лекар од кој добиваат насоки дали да одат во болница да бидат тестирани и прегледани од доктор. Зависно од симптоматологијата, можат да се лекуваат болнички (пациенти со поизразени симптоми) или се испраќаат на домашно лекување.

Фото: Pixabay

Како се заштитуваат лекарите во Германија што се во контакт со заболени или сомнителни случаи? За жал, во Македонија имаме многу заразени здравствени работници (235), цели одделенија беа ставани во карантин...

- При работа со пациенти заболени од Ковид-19 се користат заштитни маски ФФП 3, заштитни очила или визири, капа, мантил за една употреба и ракавици. Оваа опрема е адекватна, па во моето одделение засега немаме заболен медицински персонал. На почетокот од кризата Германија се соочуваше со недостиг на заштитна медицинска опрема, а исто така имаше инфициран медицински персонал. Сметам дека инфицирањето на медицински персонал, поради природата на работата, е невозможно да се избегне и со тоа се соочија сите земји. Соодветната заштита го сведува ризикот на минимум.

Светот навистина се промени откако се појави коронавирусот, какви се Вашите процени за негово слабеење, дали само вакцина може да нè спаси?

- Се покажа дека физичката дистанца и ограничувањето на движењето дадоа резултат ширењето на вирусот да се намали и да се стави под контрола, но опасноста сè уште постои. Создавањето вакцина против коронавирусот може да го врати нормалното функционирање на општеството.

Што би им порачале на здравствените работници во Македонија?

- На целиот медицински персонал им ја изразувам мојата поддршка, им посакувам среќа и истрајност во оваа борба која, според најавите, може да трае подолго. Сметам дека Македонија е веќе во фаза кога може полека да ги олеснува мерките и воедно се надевам дека граѓаните со својата дисциплина ќе придонесат за контрола на ширењето на вирусот.