Што ќе биде со филмовите и филмските студија по коронавирусот?

Што ќе биде со филмовите и филмските студија по коронавирусот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пандемијата на коронавирусот го менува светот и ќе продолжи да го менува на безброј предвидливи и непредвидливи начини. Тешко е во оваа фаза да се замислат сите можни сценарија што се менуваат од ден на ден во зависност од нови информации и сознанија.

Едно нешто во што можеме да бидеме апсолутно сигурни е дека многу работи ќе се променат и дека враќањето во нормала нема да биде можно, барем не наскоро.

Прашањето е што ќе се промени и како?


Познавачите на холивудските движења се убедени дека филмската индустрија ќе остане „трајно променета“, се вели во извештајот на независната аналитичка компанија „Мофетнејтансон“, која своите резултати ги нарече „Збогувајте се со Холивуд“ и предвидува дека пандемијата само ќе ги забрза промените што веќе почнале.

Накратко, нивниот аналитичар Мајкл Нејтансон предвиде три големи промени: стриминг-услугите ќе станат уште попопуларни, кината ќе доживеат огромни финансиски загуби, а филмовите со среден буџет ќе бидат минато.

Но, постои и светло на крајот од тунелот бидејќи прашање на време е кога салите и стримерите ќе ги здружат силите во корист на обете страни.

film
Фото: Screenshot/YouTube

Нов раст на популарноста на стриминг-услугите


Она што всушност е најмалку изненадувачко е веста дека стриминг-услугите ќе станат доминантна сила и ќе ја преземат контролата од големите студија.

Едвај можеме да го наречеме голем пресврт затоа што голем дел од нив укажаа на преместување на среднобуџетните и високобуџетните филмови, кои инаку беа снимени во холивудскиот студиски систем.

- Потрошувачите трајно ќе се префрлат на стриминг-моделите. Влијанието ќе се почувствува и во традиционалниот ТВ-екосистем и во филмската индустрија, а креаторите на содржини ќе ја преиспитаат економијата за создавање линеарни ТВ-содржини и играни филмови. Резултатот ќе биде врвни стриминг-платформи како „Нетфликс“, „Амазон“ и „Дизни“ - тие ќе излезат како креатори и дистрибутери на најголемиот дел од содржините - се вели во извештајот.

Она што беше предвидено и пред пандемијата е дека „Нетфликс“ ќе добие силна конкуренција: „Амазон“ и „Дизни“.

Спојување на големите студија

Кога Нејтансон го објави крајот на системот на студијата, тој сакаше на прво место да сугерира дека поголемите студија ќе го направат она што го направија големите компании во рамките на музичката индустрија, откако стана јасно дека стариот пристап веќе не е прифатлив.

Наједноставно кажано, помалите студија ќе ги здружат силите за да станат едно поголемо и помоќно, но со една разлика. Додека музичките компании преживеаја со помош на стриминг-дистрибутерите, ова нема да биде толку изводливо затоа што услугите за стриминг произведуваат свои содржини над кои имаат контрола.

Студијата ќе се натпреваруваат со стриминг-услугите, што значи дека веќе нема да има филмови со низок буџет и среден буџет, туку само франшизи и блокбастери на пат да станат франшизи. Со други зборови, нешто како пред пандемијата, но овој пат без преправање дека Холивуд е подготвен да преземе ризици со помали филмови. Имено, снимањето филмови што заработиле помалку од 100 милиони долари на киноблагајните за само една година падна за 13 проценти и овој тренд ќе продолжи брзо во наредните години затоа што нема да има студија подготвени да ризикуваат кинодистрибуција.

Кината ќе се затвораат, а цените на билетите ќе растат


Иако истражувањето се однесува на САД, можеме да претпоставиме дека ќе се затворат многу кина и низ Европа, вклучително и кај нас, а Нејтансон смета дека пандемијата ќе влијае врз посетеноста дури и откако ќе се смири стравот од вирусот.

За да опстојат, кината ќе треба да ги зголемат цените на билетите, но и помалку да инвестираат во реновирање за да ги надоместат загубите предизвикани од пандемијата.

Она што би можело да се случи е договор помеѓу студијата и стриминг-услугите.

- Сметаме дека би било во интерес на кината и „Нетфликс“ да постигнат договор за да помогнат во пополнување на празнината предизвикана од намаленото студиско производство. Доколку тоа се случи, ние го гледаме потенцијалот за поагресивни стратегии за дистрибуција на филмови и пократок период на пристигнување на стриминг-услугите и другите платформи за дигитална филмска дистрибуција - заклучува Нејтансон.

Сè на сè, ниту едно од горенаведените не спаѓа во категоријата ненадејни затоа што реално гледано сето ова се предвидуваше долго време, а пандемијата само го забрза.

Извор: Index.hr