Милиони може да ни донесе извозот на земјоделски продукти. Знаеме ли да ги заработиме?

Милиони може да ни донесе извозот на земјоделски продукти. Знаеме ли да ги заработиме?

Подготвил: Петранка Огнаноска

Лектор: Ивана Кузманоска

Mлечниот сектор, месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните потсектори во агроиндустријата со потенцијал за развој. Но, изминатата година кулминираа проблемите во сите четири сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање на одредени суштински проблеми, за дури потоа да може да се размислува за стимулативни мерки што ќе придонесат за раст

Изобилството на сончеви денови ја прави Македонија идеална земја за производство на земјоделски продукти. Сепак, и покрај оваа предност, нашата земја долги години важи за увозно зависна земја, и за увозот на храна и хранливи производи на годишно ниво се одлеваат илјадници евра. Македонија има своја традиција на обработка на земјоделското земјиште и на производство на земјоделски продукти, но упатените потенцираат дека недостига стратегија и добро поставени параметри со кои ќе се овозможи помасовно домашно производство на храна, но и преработки на земјоделските култури со кои ќе се зголеми нивната вредност и трајност.

Во текот на минатата пандемска година, и покрај проблемите што се наметнаа над стопанството, компаниите од Македонија што извезуваат преработки на овошје и зеленчук успеаја да го зголемат извозот. Конзервната индустрија, односно индустријата за преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, во последните години покажува постојано зголемување на производството, што се должи на зголемената побарувачка за македонските преработки од страна на странските купувачи, како и на порастот на домашниот пазар како резултат на промените во животните навики на населението, односно купување преработени производи наместо домашна подготовка. Вкупниот извоз на индустријата за преработка на овошје и зеленчук во 2020 година достигна рекордни 68,5 милиони евра, што е за 15 проценти повеќе од 2019 година.
Она што е важно за домашната економија е како да се одржи ова темпо на раст на извозот, и кои други сектори можат да остварат подобри резултати со преработка/доработка на производите и зголемување на нивната вредност? Токму на оваа тема разговаравме со претставници на коморските здруженија, но и со професори од Земјоделски факултет. Упатените укажуваат дека иако општо гледано севкупниот земјоделски сектор бележи намалување на извозот поради пандемијата, сепак, додаваат дека има одредени сектори кои успеале да остварат подобар пласман.



- Намалувањето на извозот минатата година се должи на пандемијата предизвикана од ковид-19 и проблемите што настанаа. Делумно имаше откажување на нарачките, но и првично отежнат пласман на веќе договорените количини. По воспоставувањето на зелената линија преку која се одвиваше нивниот транспорт, извозот беше нормализиран и продолжи со вообичаената динамика. Генерално, извозот изминатите години забележа благ пораст, количински, но гледано ценовно многу повеќе, како резултат на поскапување на суровините и готовите производи на светскиот пазар. Зголемување имаше во одредени сектори, но секторот овошје и зеленчук генерално ја задржа динамиката во извозот. Во овој период на пандемија, како резултат на секојдневните натписи кои можеа да се сретнат во медиумите, очигледно фокусот беше ставен на свежото и преработено овошје и зеленчук - сектор кој и без тоа има огромен потенцијал за развој, а кој изминатиот период, според финансиските показатели, ја надмина и винската индустрија, за што е потребно пред сè решавање на прашањето со скапата суровина - објаснуваат од Стопанската комора - СКСМ.
Воедно од Комората дополнуваат дека во насока на подобри перформанси на конзервната индустрија, предлагаат целосно укинување или, пак, намалување на царината на суровината во одреден период од годината, кога изостанува домашно производство.

- Најголем дел од домашното производство, освен на традиционалните пазари од поранешна Југославија, се пласира во ЕУ, која ни е и воедно најголем трговски партнер. Но македонски преработки се пласираат и на американскиот континент, во Русија и други земји.
Млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните потсектори во агроиндустријата со потенцијал за развој, за што бизнис-секторот има конципирано предлог-мерки. Но, изминатата година кулминираа проблемите во сите четири сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање на одредени суштински проблеми за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството како стратешка суровинска база, за дури потоа да може да се размислува за стимулативни мерки што ќе придонесат за раст - дополнуваат од СКСМ.

Професорот Илија Каров од Факултетот за земјоделски науки - Штип вели дека потенцијалите за извоз на преработените земјоделски продукти се големи, а со државна поддршка може да се поттикне инвестирањето во преработувачки капацитети во кои ќе бидат опфатени голем број земјоделски производи.

- Речиси сите земјоделски продукти што се одгледуваат во нашата земја може да добијат повисока додадена вредност со доработка. Кога некој производ е финален, неговата цена е повисока, а ова важи и за земјоделските продукти, кои со преработка се повреднувани и носат поголем бенефит за производителот и за државата. Кога имаме само примарно производство, како на пример кај градинарските култури, ако се продаваат свежи, заработката е еднократна, но кога тие ќе бидат преработени во финални производи, ќе им се зголеми вредноста, а истовремено ќе се зголеми и нивниот рок на траење. Веќе имаме разни примери, како ајварите, разни туршии, џемови, доматни сосови… Со вакво производство и за трговецот заработката е поголема, а со дополнителна преработка на земјоделските продукти се ангажираат поголем број луѓе во работните процеси, се отвораат нови работни места, а бенефит има и државата - објаснува професорот Илија Каров од Факултетот за земјоделски науки Штип.



Според него, речиси во сите земјоделски сектори има можност за преработка на производите, и истото може да се поттикне преку мерки за стимулација, како што има кај примарното производство, односно преку разни субвенции.

- Ако земјоделските производи се опфатат во процес на доработка, ќе има и поголем откуп на производството, бидејќи не мора да се бараат пазари за извоз на свежи продукти, кои кратко траат, туку ќе се бараат пазари за финални продукти со поголема вредност - заклучува професорот Каров.

Фото: Фрипик