„Имаме мусака програма - ред вести ред турска серија“ - Како Сашко Коцев, Бојан Велевски и Ранко Бубамара би ја вратиле смеата кај луѓето

„Имаме мусака програма - ред вести ред турска серија“ - Како Сашко Коцев, Бојан Велевски и Ранко Бубамара би ја вратиле смеата кај луѓето

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со наши комичари, шоумени, иницијатори на хуморот разговараме на тема колку луѓето искрено се смеат денес? Дали и што може да им ги врати хуморот, позитивата, забавата... Како да се победат секојдневните лоши вести, црна хроника, политика, тажни и депримирачки серии

Хуморот е здрав, а смеењето лекува. Хуморот е убедливо најзначајната активност на човечкиот мозок. Но, забележливо е дека сѐ помалку се смееме, сѐ поретки се моментите кога можеме да се опуштиме вистински, да се насмееме од срце, до солзи. Брзото темпо на живот, динамичното секојдневие полно со обврски, купот информации и дезинформации во медиумскиот простор, изложеноста на сите несреќи што се случуваат во светот, општествените и семејните проблеми, заморната политика и празните изјави на политичарите ни го окупираат животот, па затоа хуморот и смеата не можат да дојдат на нашиот дневен ред.

Со наши комичари, шоумени, иницијатори на хуморот разговараме на тема колку луѓето искрено се смеат денес? Дали и што може да им ги врати хуморот, позитивата, забавата...
Како да се победат секојдневните лоши вести, црна хроника, политика, тажни и депримирачки серии... Дали ни се потребни повеќе забавни шоуа, комедии, да се надмине „темниот облак“ што надвиснал над цело општество?

Што ќе му сервираш на народот, тоа ќе гледа

Човекот никогаш нема да престане да се смее и никогаш нема да престане да плаче над туѓата несреќа или среќа. Едноставен драматуршки рецепт за комедија или за трагедија, смета актерот Сашко Коцев.



- Не знам колку човекот се смее денес, но знам дека тоа многу го посакува. Сака да гледа филм, претстава или песна што ќе го оттргне од сивилото и безизлезноста на нашето општество. Затоа и напишавме таков филм „Нешто слатко“, ведар во својот уметнички израз, отворен во своите контексти, но сепак жанровски напишан во многу питка варијанта за публиката. Сето ова излезе како добитна комбинација во која публиката ужива и е секојдневно присутна на проекциите во киносалите во Скопје, како и во другите градови. Мојот најголем успех и мисија со овој филм е да се направи плодна почва за независниот филм - смета Коцев.

Според комичарот Бојан Велевски, живееме во едно гнило општество и водиме лажен живот.

-Живееме во едно сиво, гнило општество во кое кога ќе го отворите телефонот и ќе ги погледнете туѓите животи, навидум на секаде околу нас сѐ е исполнето со позитивна енергија, успеси. Дали е баш така? Ни приближно! Не сме искрени! Ова може да се победи само ако не се консумира. Тоа е единствениот рецепт, според мене. Заобиколи... терај понатаму со нешто што тебе те интересира или инспирира – вели Бојан.



Додава дека сѐ што ни треба се повеќе забавни шоуа, комедии, излез од реалноста и сивилото.

- Ние немаме ни обид за ваков вид програма. За жал, нашите телевизии одат по линија на помал отпор. Гледаме едни исти франшизи по 10 години, гледаме дебатни емисии без реална суштинска дебата. „Мусака“ програма - ред вести, ред турска серија. Апсолутно не се согласувам со муабетот „турските серии се бараат, тоа се гледа“. Што ќе му сервираш на народот, тоа ќе гледа. Ако му сервираш ток-шоу, па квиз, па забавна емисија со разни игри и предизвици итн., тогаш тоа и ќе гледа. Луѓето кај нас, за жал, немаат речиси никаков избор на ТВ-каналите – додава Бојан.

Ваквите времиња не создаваат атмосфера за безгрижна смеа

Еден од антидепресивите на пошироката јавност се стендап-шоуата на „Златна бубамара на популарноста“. Но тие се случуваат еднаш во годината, а тоа не е доволно за горкото секојдневие што го живееме.

- Преку брановите на „Радио бубамара“ секојдневно се трудиме да ја претставиме убавата страна на животот и да го споделиме добриот дух со слушателите, за наша среќа, имаме голема поддршка од публиката и од нашите врвни уметници токму поради нашата работа заедно да пуштиме мала светлина во етерот и културата во овие мрачни времиња, во кои нѐ загадуваат алчни, лицемерни и бесрамни поединци кои сѐ погласно и безобразно го загадуваат нашето општество. Вакви времиња не создаваат атмосфера во која нормалниот човек безгрижно ќе се смее и забавува, а уште потешко е кога и своите потреби за култура не може да ги добие поради лошите системски политики во кои неразумно се трошат милионски суми со кои не може да се унапредат културата на живеење и достоинството на уметниците и вистинските вредности.

Затоа, еден од нашите слогани на „Златна бубамара“ е: „Незаборавна комедија во која се опишува нашата општествена трагедија“ – истакнува Ранко Петровиќ, организатор и режисер на „Златна бубамара на популарноста“.



„Златна бубамара“ е најголем и најпопуларен културен настан во нашава држава кој публиката со нетрпение го очекува затоа што може во тие четири часа да се почувствува обединувањето на сите најпопуларни личности од културата и спортот, кои на најубав и креативен начин ја претставуваат убавата страна на животот, дополнува Ранко.

- Но тоа се случува само еднаш годишно и при вакви услови, кога нема адекватни концертни сали, ТВ-емисии, вистинска политика во Министерството за култура и стандард кај граѓаните, сѐ потешко е уметниците да создаваат нови дела кои ќе придонесат за доброто расположение на граѓаните - додава Ранко.