Коронавирус, купувам домашно, времето утре, рецепт за палачинки... Што гуглале Македонците во изминатите 6 месеци

Коронавирус, купувам домашно, времето утре, рецепт за палачинки... Што гуглале Македонците во изминатите 6 месеци

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Оваа година не ни ги исполни очекувањата што ги имавме на почетокот. Ако при дочекот на новата година се надевавме на нови 366 дена исполнети со вообичаените нешта кои сме навикнати да ги правиме, половина година подоцна можеме да видиме дека работите не излегоа како што очекувавме. Коронавирусот нè затвори сите дома и нè залепи за малите екрани, па сите поминувавме голем дел од времето информирајќи се за невидливиот непријател.

Новиот коронавирус не само што ни го скрати задоволството од шетањето и нè вовлече во економска криза, туку и ни го окупира слободното време. Доказ за тоа се и резултатите што ги дава „Гугл“ кога пребаравме што најмногу гуглале Македонците од 1 јануари до 30 јуни 2020 година.

Генерално во сите категории најпребарувана тема е „Coronavirus - Virus“, по што следуваат „Worldometers - Website“ (страницата на која има статистички податоци за заболени, починати и оздравени од коронавирус за сите земји во светот), „Google Classroom - Topic“ (образовен веб-сервис на „Гугл“), „South Wind - Film“ (Филмот „Јужни ветар“) и „Virus - Infectious agent“.

Првите пет најпребарувани термини на „Гугл“ се огледало за она што го преживеавме во првите шест месеци од годинава. Најпребаруван термин е „коронавирус“, по што на второто и третото место се „купувам домашно“ и „купувам домашно мк“, па на четвртото место е „Worldometer“ и на петтото место е „коронавирус мапа“. Термините се слични и подолу на листата, само што на шестото место интересно е што се најде „времето утре“ како еден од најпребаруваните термини.

Фото: Google (printscreen)

Вториот дел за кој побаравме податоци, секако, е делот за здравјето. Резултатите воопшто не изненадуваат бидејќи коронавирусот буквално го преплавува овој дел. Најпребарувани теми во овој дел се коронавирус-вирус, Worldometers - Website, Pandemic - Epidemic, China - Country in East Asia и Cubit - Topic. Првите 20 најпребарувани термини се „коронавирус“ во различно напишани форми.

Фото: Google (printscreen)

Коронавирусот има навлезено и во делот уметност и забава, па така најпребаруваната тема во овој дел е „Coronavirus - Virus“, по што следува „Зум“ (платформа која стана многу популарна за време на карантинот), филмот „Јужни ветар“, „карантин“ и по некоја случајност темата „јаболко - овошје“. Во најпребаруваните термини од овој дел првите две места ги зазема „Јужни ветар“, третото „Зум“, четвртото Венко Филипче и на петтото „Оскари 2020“.

Фото: Google (printscreen)

„Coronavirus - Virus“ е најпребарувана тема и во делот на работа и образование, а другите резултати покажуваат дека Македонците се интересирале и за мастер-студии по бизнис-администрација, за Едмодо, Зум и за вработување. Во најпребаруваните термини од овој дел може да се види дека првото место го зазема „Google classroom“, а потоа следува платежната картичка за купувам домашно, а во првите пет се појавуваат и термини кои воопшто не се поврзани со образование или работа, како пребарување на рецепти за американски палачинки.

Фото: Google (printscreen)


Насловна фотографија: Pixabay