Теа Костадинова е најдобар дипломец на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер: „Просперитетот е резултат на напорот и вложувањето во себе“

Теа Костадинова е најдобар дипломец на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер: „Просперитетот е резултат на напорот и вложувањето во себе“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во денешно време, со можностите за онлајн работа, границите стануваат помалку релевантни. Јас сум отворена за можностите што ги нуди Македонија, но исто така сум подготвена да истражам нови можности - искуства во други делови на светот. Важно е да бидеме отворени за промени и да ги искористиме можностите за личен напредок и успех, вели Теа Костадинова

Меѓу студентите на кои Ректоратот на УКИМ, на традиционален и свечен начин, им додели награди за најдобро дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, кои покажаа високи достигнувања и резултати при студирањето, се најде и Теа Костадинова. Таа дипломира на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, на студиската програма дизајн на мебел и ентериер, со просек 9,70.

- Ова признание ми значи многу бидејќи претставува потврда за целиот вложен труд и посветеност во текот на моето образование. Наградата не се добива преку ноќ; таа е резултат на долгорочна посветеност и континуирана работа на себе. Особено сум среќна и благодарна што универзитетот го препознава и го вреднува напорот на студентите кои постигнуваат извонредни резултати за време на своите студии - посочува Теа.



Просекот и оценките не ѝ беа водилки во студирањето


Таа од најмала возраст била љубопитна и жедна за знаење, а тоа се одразило веднаш на нејзините училишни успеси.

- Мојата најголема мотивација беше желбата секој ден да бидам подобра од вчера. Иако од рано покажував љубов кон естетските креации, се запишав на математичка насока во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Таму научив многу животни лекции и гимназијата беше клучен дел од моето лично оформување. Сепак, мојата страст за креативна работа остана силна. Одлучив да го следам мојот интерес и да студирам на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, привлечена од неговата насоченост кон материјалите и дизајнот. Верувам дека за да се создаде одличен и функционален ентериер, важно е да се познаваат материјалите со кои се работи, а токму тоа го нуди овој факултет - ни сподели Теа.

Главен предизвик при студирањето ѝ било изучувањето на дрвото како материјал, процесот на обработка на дрвото и сите својства на дрвото.

- Мојата главна стимулација за да ги надминам предизвиците беше мојата страст и посветеност кон изнаоѓање нови начини на користење на дрвото како материјал земајќи ги предвид неговите својства. Изучувањето на овој материјал ме инспирира да размислувам за влијанието на материјалите што ги користиме во ентериерите. Иако постигнав просек од 9,70, просекот и оценките не ми беа водилки во студирањето, тие беа само резултат на љубовта со која ги учев предметите и желбата да исцрпам што повеќе знаење од професорите и да ги совладам предметите во целост - дополнува Теа.

Работодавците да им даваат повеќе шанси на новите таленти


Таа смета дека и покрај тоа што студирањето е проследено со низа предизвици, со добра организација на времето и постојана желба за усовршување, може да се постигне успех.



- Понекогаш имав непроспиени ноќи за да се стигнат роковите на проектите и испитите, но се трудев да ги балансирам со моите лични интереси во текот на студирањето. За мене, најважни се одлучноста и вербата во себе дека можам да ги надминам сите препреки на патот до целта, што се одрази и во моите постигнувања. Во нашата индустрија на архитектура и дизајн постојат предизвици во вреднувањето на работата. Следствено, повеќето дизајнери и архитекти работат самостојно и немаат потреба од дополнителна помош. Од друга страна, кај поголемите фирми постојат високи критериуми за искуството што го очекуваат и за најниските позиции, а тоа не може да се стекне на друг начин. Затоа, би сакала да ги охрабриме работодавците да им даваат повеќе шанси на новите таленти. Тие не само што донесуваат нови перспективи, туку поттикнуваат иновација и креативност, што може да ја обогати нашата професионална околина - подвлекува Теа.

Нејзин следен чекор се магистерски студии, каде што ќе ги надградува своите знаења и вештини во областа.

- Имам многу амбиции во иднина, како во Македонија така и надвор. Според мене, просперитетот е резултат на напорот и вложувањето во себе, без оглед на локацијата. Во денешно време, со можностите за онлајн работа, границите стануваат помалку релевантни. Јас сум отворена за можностите што ги нуди Македонија, но исто така сум подготвена да истражам нови можности - искуства во други делови на светот. Важно е да бидеме отворени за промени и да ги искористиме можностите за личен напредок и успех. Со константна надградба можеме да станеме подобри верзии од себеси, без оглед каде сме географски, а успехот со време ќе дојде - ни изјави Теа.