Адеми: Уредбите за настава на далечина важеа до 10 јуни, од Собранието зависи можноста за онлајн-настава во новата учебна година
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако новата учебна година почне на 1 септември, а сѐ уште немаме функционално Собрание, учениците ќе мора да се појават во училиштата затоа што во моментот Македонија нема законска можност за настава од далечина. Затоа од работата на Собранието и од изборот на Владата зависи кога ќе почне новата учебна година, објасни на денешниот брифинг министерот за образование и наука Арбер Адеми.
- Уредбите за настава од далечина што ги донесе Владата во март се однесуваа на таа учебна година. Во законите за основно и за средно образование пишува дека образовниот процес се одвива во училиштата. Потребни се нови уредби и законски измени за новата учебна година - рече Адеми.
Тој објасни дека почетокот на учебната година може да биде одложен. Документите за различни модели се подготвени, но неопходно е функционално Собрание за да ги одобри. Во моментот во сила се постојните закони – учебната година да почне во училиштата.
Адеми рече дека се разгледуваат различни модели - со физичко присуство, комбинирана или онлајн. Најважно е да се донесе законска опција за флексибилна настава. Таму каде што има можност, да се одржува настава со физичко присуство, но ако се искомплицира ситуацијата, веднаш да може да се примени друг модел.
- Во моментот најважно е да донесеме законски можности за тоа. Можно е учебната година да почне подоцна. Наша обврска е да имаме најбезбеден модел водејќи сметка и за образовниот процес и за здравјето на учениците. Продолжуваме со консултации понатаму. Одлуката може да ја донесеме и еден ден пред почетокот на учебната година, сѐ зависи од моментната епидемиолошка слика - рече Адеми.