Ако тргнеме во школо, треба да бидеме спремни сите да се заразиме и да прележиме Ковид-19, став на наставници
Иако претходната учебна година заврши со тешкотии поради вонредната состојба со Ковид-19, летово не се искористи за пронаоѓање системско решение за учење на далечина
Ништо не може да ја замени наставата во училница. Сепак, училиштата во Македонија не се спремни за класична настава со физичко присуство кога не се намалува бројот на заразени со Ковид-19 на дневна основа.
Министерството за образование и наука во понеделникот требаше да пресече и да одлучи како ќе почне учебната 2020/2021 година. Комисијата за заразни болести даде препораки, но сѐ уште не е донесена конечната одлука. Поразговаравме со директни учесници во наставниот процес за тоа каква е реално состојбата во училиштата – дали имаат капацитет за класична настава од 1 септември, дали залудно се потроши летото, дали наставниците добиле некаква обука?
Уписите во „Јосип Броз-Тито“ во Скопје / Фото: Борче Поповски
Вера Крстевска е долгогодишна одделенска наставничка во скопското Основно училиште „Невена Георгиева – Дуња“. Таа објаснува дека добиле протоколи за старт на учебната година со физичко присуство. Вели дека протоколите се издржани, но и неиздржани во практика. Нејзиниот став го делат многу наставници и тоа веќе јавно го споделуваат на социјалните мрежи.
- Учениците треба да бидат со маски на настава. Можат да ги извадат маските на одмор, надвор од училиштето. Ниту има гаранција дека надвор ќе бидат на дистанца ниту дека правилно ќе ракуваат со маските и нема да ги контаминираат. Ако тргнеме на настава, треба да бидеме подготвени дека сите ќе се заразиме и ќе ја прележиме болеста. Прашањето е кој и како ќе ја помине? Ако се зарази еден ученик, цело одделение треба да оди во изолација. Како тогаш ќе продолжи наставата? - прашува таа.
Одлука не е донесена и сѐ уште трае координацијата на раководството на школото со сите наставници. На интерната анкета повеќе од половина од наставниците изјавиле дека се за настава со физичко присуство, но има и наставници со хронични болести кои не можат да се нафатат на оваа опција.
Вера Крстевска
- Мора и нивниот став да се земе предвид, особено во општини каде што бројките на заразени се големи - вели Крстевска.
Протоколите предвидуваат општините во кои бројот на заболени е голем да почнат со онлајн-настава, а останатите да одат со физичко присуство. Во тој случај учениците ќе треба да влегуваат и излегуваат од различни влезови на школото, да одржуваат дистанца, да немаат меѓусебен допир, сѐ редовно да се дезинфицира, често да се мијат рацете... Секое училиште ќе треба да донесе одлука која смета дека е најдобра. Веројатно кризните општини ќе продолжат со онлајн-настава. Има и предлог за комбинирана настава – наставникот да е во училница со половина клас, а часот да се пренесува онлајн за учениците што се дома. Но, мала е веројатноста во тој период родителите на учениците да се дома и да им овозможат на децата онлајн-присуство на часот.
На прашањето дали летово наставниците добиле некоја обука за далечинско учење, Крстевска објаснува дека имале куса обука за „Мајкрософт тимс“.
- Лесна е за користење. Секој наставник е поврзан со секој ученик и со директорот на училиштето. За разлика од „Зум“, која ја користевме досега, немаме ограничено време за час со учениците, можеме да ставаме текстови, тестови и други материјали - вели таа.
Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола годинава ќе учат 793 средношколци распоредени во четири години. Директорката на школото, Фанија Наумовска, вели дека сѐ уште немаат конкретна информација како ќе почне новата учебна година.
Фанија Наумовска
- Чекаме препораки од МОН. Како директор и како наставник, сметам дека ништо не може да ја замени наставата во училница, со физичко присуство. Но, мора да ги почитуваме сите мерки и протоколи за заштита на здравјето. Во моментот немаме услови за настава со целосно физичко присуство. Комбинирана настава – можеби - вели Наумовска.
Иако претходната учебна година заврши со тешкотии поради вонредната состојба со Ковид-19, летово не се искористи за пронаоѓање системско решение за учење на далечина. Разговаравме со Владислав Бидиков, систем-инженер од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Тој има темелни познавања за состојбите во училиштата во Македонија бидејќи во рамки на проект пред 15 години ги посетил сите основни и средни училишта во земјава и точно знае кое со какви капацитети располага. Сепак, тој смета дека е подобро да се почне сега отколку никогаш. За 30 до 45 дена може да се направи и да се постави платформа која ќе понуди опција за вистинска онлајн-настава.
- ФИНКИ постави рекорд во март – за нецела недела поставивме систем кој веднаш беше ставен во функција. Тоа може да се направи и за училиштата - вели Бидиков.
Сепак, додава тој, не треба да се занемари фактот што образовниот систем во Македонија е еден од најкомплицираните во светот. МОН е институција на централно ниво, за основните и средните училишта се надлежни општините. Во главниот град е уште покомплицирано - основните училишта се под надлежност на општините, а за средните одлучува Град Скопје.
Владислав Бидиков
Бидиков вели дека не може да посочи што е подобро во моментот – дали наставата да почне со физичко присуство или на далечина.
- Но, знам дека мора да се подготвите што е можно подобро. Септемвриската сесија на ФИНКИ ја развлековме од 19 август до октомври. Мора да се мисли на сѐ, да предвидите што е можно повеќе сценарија - вели тој.
Тој посочи интересен предлог доколку учениците тргнат на училиште. Секој ученик да си ги дезинфицира клупата и работното место пред почетокот и по завршувањето на наставата.
- Јапонија тоа го прави со децата уште во градинка. Така се гради систем, се создава здрава младина. Тоа не е товар за учениците, туку знаат дека е за нивно добро - вели Бидиков.
Според него, мора да се понудат различни модели за различни ситуации и возрасти на учениците. Потешко ќе им биде на средношколците во прва година и на шестоодделенците, кои преминуваат од одделенска во предметна настава, но вели:
- Сепак, најтешко ќе им биде на првачињата.