Локации во светот каде што се чува хемикалијата што ја предизвика експлозијата во Бејрут

Локации во светот каде што се чува хемикалијата што ја предизвика експлозијата во Бејрут

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Низ светот се зголемија грижите за безбедноста на складирањето на амониум нитрат по експлозијата во Бејрут, Либан. Хемикалијата се користи како ѓубриво или во производството на експлозив. Постојат строги правила за нејзиното чување, но често локациите на кои се складира остануваат во тајност.

Индија

Речиси 740 тони амониум нитрат се чувале во близина на населено место, на околу 20 километри од Ченај, Индија, во период од пет години. Властите воделе правна битка со компанијата што го увезла амониум нитратот од Јужна Кореја во 2015 тврдејќи дека е за земјоделски цели.

Во текот на истрагата се открило дека компанијата ја купила хемикалијата со невалидна лиценца, а потоа им ја продавала на „неидентификувани приватни лица“ и компании што работеле во рударската индустрија. Мал дел од хемикалијата бил отстранет откако била оштетена од поплави во 2015. Останатите 697 тони се ставени на аукција и се префрлаат на друга локација.



Јемен

Јавниот обвинител во Јемен наредил да се отвори истрага откако медиумите пишувале за чување амониум нитрат во над 100 контејнери во пристаништето Аден. Медиумите пренесуваат дека хемикалијата била увезена пред три години и запленета од сили предводени од Саудиска Арабија кои ја поддржуваат владата признаена од Обединетите нации.

Гувернерот на Аден, Тарик Салам, изјавил дека овие сили се одговорни за складирање на опасниот товар за кој се претпоставува дека содржи 4.900 тони амониум нитрат складиран во 130 контејнери. Владината компанија одговорна за пристаништата во Аден изјавила дека контејнерите се користат за органска уреа што се користи како земјоделско ѓубриво, што не е радиоактивно и не предизвикува експлозии.



Ирак

Владата на Ирак наредила итно да се прегледаат материјалите што се чуваат на пристаништата и аеродромите. Бил откриен складиран амониум нитрат на меѓународниот аеродром во Багдад. Хемикалијата била безбедно пренесена до складишта во Дирекцијата за воено инженерство, изјавиле воените служби.

Австралија

Жителите на Њукасл, Нов Јужен Велс, барале отстранување или намалување на голема количина амониум нитрат што се чува во складиште на 3 километри од центарот на градот. „Орика“, компанија која нуди експлозиви за рударската индустрија, изјавила дека хемикалијата безбедно се чува во делови кои се отпорни на пожари.

Агенцијата за безбедност на работното место во Јужна Австралија изјавила дека амониум нитрат се чува во 170 строго набљудувани места во регионот.




Пристаништа во Велика Британија

Била започната истрага за чувањето амониум нитрат на големо пристаниште во Линколншир, Имингем и други места во овој дел од Велика Британија. Компанијата што ги одржува пристаништата изјавила дека се следат строги правила за да се осигури безбедно складирање на супстанцијата.

Во меѓувреме, компанијата „Портико“ го повлекла барањето за складирање амониум нитрат и изјавила дека супстанцијата повеќе нема да поминува во нејзиното пристаниште.

Ричард Бро, директор на Меѓународната асоцијација за координација на управување со товар, изјавил дека амониум нитратот е регулиран бидејќи се смета за опасна супстанција. Сама по себе, таа е релативно безбедна, но станува опасна кога е контаминирана, на пример, со нафта, вели тој.

Автори: Кристофер Џилс, Шрути Менон и Зулификар Али
Извор: Би-би-си
Насловна фотографија: Twitter