Научниците се скептични: Како да знаеме дека руската вакцина е ефикасна без податоци од клиничко тестирање?

Научниците се скептични: Како да знаеме дека руската вакцина е ефикасна без податоци од клиничко тестирање?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Руската најава за одобрување вакцина против Ковид-19 по помалку од два месеца клинички тестирања на луѓе предизвика скептицизам меѓу експертите за јавно здравје, кои велат дека е тешко да се верува во вакцина за која не се објавени сите податоци од тие испитувања.

Одлучна да биде прва во светската трка за развој на вакцина против Ковид-19, Русија допрва треба да спроведе клиничко испитување од широки размери што ќе даде податоци за тоа дали дејствува. Според имунолозите и експертите за заразни болести, тоа е непромислен потег.

- Русија во суштина спроведува експеримент на ниво на голема популација - вели Ајфер Али, специјалист за испитување лекови во бизнис-школата „Ворвик“ во Британија.

Таа вели дека брзото одобрување може да значи дека можните негативни ефекти од вакцината нема да се откријат. А тие, иако веројатно ретки, би можеле да бидат тешки.

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека вакцината што ја развил московскиот институт „Галамеја“ е безбедна и дека неговата ќерка веќе се вакцинирала.

Франсоа Балу, експерт од Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека ова е невнимателна и глупава одлука.

- Масовната вакцинација со неправилно тестирана вакцина е неетична. Секој проблем со руската кампања за вакцинација би бил катастрофален и преку негативните ефекти врз здравјето, но и затоа што дополнително ќе има лош ефект врз прифаќањето на вакцините кај населението - вели Франсоа.

Неговите коментари ги повтори и Дани Алтман, професор по имунологија на Империјал колеџ во Лондон, кој вели дека колатералната штета од употребата на која било вакцина што сè уште не е познато дали е безбедна и ефикасна ќе ги влоши тековните проблеми.

kovid
Фото: Freepik

Иако Русија прогласи победа, дузина производители на лекови низ светот се во процес на спроведување големи, напредни испитувања врз човекот за нивните потенцијални вакцини за Ковид-19, со десетици илјади волонтери.

Некои од овие предводници, меѓу кои „Модерна“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“, се надеваат дека до крајот на оваа година ќе знаат дали нивните вакцини функционираат и се безбедни.

Одобрувањето на руската вакцина од министерството за здравство доаѓа пред испитувања во кои вообичаено се вклучени илјадници учесници. Ваквите испитувања обично се сметаат за суштински претходници за вакцина за да се обезбеди регулаторно одобрување.

Питер Кремснер, експерт во германската универзитетска болница во Тибинген, кој работи на клинички испитувања за кандидат-вакцина од „Кјурвак“, вели дека потегот на Русија е непромислен.

- Нормално, потребно е да се тестираат многу луѓе пред да се одобри вакцината. Мислам дека е безобѕирно да се направи тоа ако не се тестирани многу луѓе - вели тој.

- Не е можно да се знае дали руската вакцина се покажала како ефикасна без да се достават научни трудови за анализа - вели Кит Нил, специјалист за епидемиологија на заразни болести на британскиот универзитет Нотингем.

Што досега се знае за руската вакцина?


Путин вели дека вакцината формира стабилен имунитет, ги поминала сите неопходни проверки и дека неговата ќерка била вакцинирана. Министерот за здравје на Русија, Михаил Мурашко соопшти дека на 1 август Русија го завршила тестирањето и дека вакцинирањето ќе почне во октомври.

Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Русија да ги следи меѓународните насоки за производство на вакцината - СЗО објави листа со вакцини што се наоѓаат во трета, последна фаза на тестирањето, но руската вакцина не се наоѓа на таа листа.

- Се плашам дека единственото нешто што можеме да го направиме е да ги предупредиме луѓето дека оваа вакцина е развиена со недоволно докази од клинички тестирања - вели за Би-би-си Светлана Завидова, директорка на руската невладина организација „Здружение на организации за клинички испитувања“.

- Третата фаза на тестирањето на вакцината не е почната. Завршени се само две фази на тестирање, во нив учествувале 76 волонтери - вели Завидова и додава дека третата фаза треба да вклучува тестирање на неколку илјади луѓе, каде што освен ефикасноста се тестира и безбедноста.

2
Фото: Freepik

Како течел развојот на руската вакцина?


Вакцината против коронавирусот во Русија ја развива министерството за одбрана во соработка со Институтот „Гамалеја“ - национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија. Развојот на вакцината е финансиран од Фондот за директни инвестиции.

Првата група од 38 волонтери ја примила вакцината во втората половина на јуни, соопштуваат од руското министерство за одбрана. Волонтерите развиле антитела и поминале без негативни ефекти во првите 28 дена по примањето на вакцината, пишува во соопштението. Волонтерите по 42 дена од примањето на вакцината мора да се вратат за да се извршат дополнителни тестирања.

Кон средината на јули Кирил Дмитриев, директор на рускиот Фонд за директни инвестиции, кој го финансира развојот на вакцините, соопшти дека масовното производство на вакцината ќе почне во август.

Руските официјални лица најавија дека Русија до крајот на 2020 година ќе произведе 200 милиони дози вакцини, но многумина мислат дека шансите за тоа се мали.

Универзитетот „Сеченов“, каде што се тестира вакцината, објави дека 38 волонтери ја примиле вакцината и дека ќе бидат под надзор половина година. Потоа Институтот „Гамалеја“, кој ја развива вакцината, треба да одлучи за понатамошниот тек на тестирањето.

- Понекогаш се случува истражувачите да помислат дека пронашле нешто. Тоа се одлични вести. Но, голема е разликата помеѓу моментот кога мислите дека можеби имате вакцина и моментот кога таа ќе ги помине сите фази на тестирање - изјави на почетокот од август портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер.

„Критиките се неосновани“

Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко изјави дека критиките за руската вакцина се неосновани и предизвикани од страв од фер конкуренција.

- Странските колеги, кои очигледно почувствувале одредена конкуренција, ги видоа предностите на рускиот лек и сега се обидуваат да изразат некои мислења, кои, според нас, се апсолутно неосновани - рече тој.

Мурашко додаде дека платформата за вакцината претходно била користена за правење лекови и нагласи дека е најбезбедниот начин, избран по повеќе испитувања. Тој истакна и дека се развива специјална апликација за следење која ќе им овозможи на Русите да ја потврдат нивната здравствена состојба и ќе ги следи можните несакани ефекти за оние што ја примиле вакцината.

Мурашко рече дека вакцината примарно ќе биде користена за исполнување на барањата во Русија, но не го исклучи и извозот.

Во Русија ќе се произведува и вакцината од Универзитетот „Оксфорд“?

Руските официјални лица кон крајот на јули соопштија дека постигнале договор со мултинационалната фармацевтска и биотехнолошка компанија „АстраЗенека“, која работи на развој на вакцина со британскиот Универзитет „Оксфорд“.

Руската фармацевтска компанија „Арфарм“ и „АстраЗенека“ во Русија треба да ја произведат вакцината развиена на Универзитетот „Оксфорд“.

Рускиот Фонд за директни инвестиции и „Арфарм“ вложија речиси 50 милијарди евра во изградба на нови фабрики за вакцини во централна Русија.

4
Фото: Pixabay

До каде е развојот на вакцината на Универзитетот „Оксфорд“?

Првите резултати од тестирањето на оваа вакцина покажуваат дека таа е безбедна за луѓе и предизвикува реакција во имунолошкиот систем.

Во тестирањата учествуваа 1.077 луѓе, а откако ја добиле вакцината, нивните организми почнале да развиваат антитела и Т-клетки кои се борат против коронавирусот. Резултатите се ветувачки, но рано е да се тврди дека вакцината е доволно безбедна, поради што ќе се направат уште пообемни тестирања.

Немало опасни несакани ефекти од земањето на вакцината, но 70 отсто од луѓето на тестирањето се жалеле на температура или главоболка. Истражувачите велат дека тоа би можело да се реши со парацетамол.

Завршната фаза не може да покаже дали вакцината може да спречи луѓето да се разболат или барем да ги ублажи нивните симптоми ако се разболат од Ковид-19.

Повеќе од 10.000 луѓе ќе учествуваат во наредната фаза на испитувања во Велика Британија. Но, истражувањето е проширено и на други земји,. Во големо испитување во Америка треба да учествуваат 30.000 луѓе, 2.000 во Јужна Африка и 5.000 во Бразил. Широко распространета вакцинација може да се очекува наредната година, ако работите одат по планот.

Извори: Reuters | BBC | Sputnik