Планетата Церера е океански свет со активна геологија

Планетата Церера е океански свет со активна геологија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете дека стоите во кратер широк речиси 100 километри и длабок 4 километри. Околу вас сè е темно и опкружени сте со карпи, но пред вас во кратерот има кристали. Вие се наоѓате во кратерот Окатор на џуџестата планета Церера. Според ново истражување објавено неделава, ова е едно од најинтересните места во Сончевиот Систем.

Церера е најголемото тело во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер и единствената џуџеста планета во орбитата на Нептун. Истражувачите анализирале податоци од мисијата „Дон“ на НАСА, која стигнала до 35 километри од површината на Церера, а особено се фокусирала на кратерот кој е стар 20 милиони години.


Фото: Nature

Новите податоци покажуваат дека Церера била активна во историјата. Веќе беше познато дека на Церера има вулкани од мраз и криовулканска активност, најмногу поради присуството на соли на натриум карбонат на површината. Сега истражувачите се уверени дека откриле длабок резервоар под кратерот Окатор.

Откриле остатоци од хидрохалит или хидриран натриум хлорид во кратерот. Ова е прво откривање на хидрохалит надвор од Земјата. Истражувачите додаваат дека состојката би можела да дехидрира за помалку од 100 години, а тоа значи дека Церера е активна и денес.

Според истражувачите, податоците покажуваат дека Церера спаѓа во групата планети што се нарекуваат океански светови. Тоа не значи дека има вода насекаде на површината на Церера, туку покажува дека има океани под површината.


Фото: Nature

Некои месечини на Јупитер и на Сатурн се исто така океански светови. Во овие океани можеби е возможен и живот. Научниците сметаат дека можеби имало некаква еволуција доколку имало живот на Церера во историјата. Планетата порано била потопла и имало доволно енергија за да се случуваат хемиски реакции. Сепак, мали се шансите дека овие услови се задржале доволно долго за да се создаде живот, велат истражувачите.

Меѓутоа, можеби може да се создадат вакви услови за живот во иднина со надворешна помош, но потребни се повеќе податоци за да се добие поголемо разбирање за планетата.

Автор: Сузана Лионс
Извор: abc.net.au