Жителите на Маврициус ја кратат косата за да помогнат во чистењето на нафтата од морето

Жителите на Маврициус ја кратат косата за да помогнат во чистењето на нафтата од морето

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во обид да се спречи еколошка катастрофа, жителите на Маврициус ја кратат сопствената коса за да помогнат во чистењето на нафтата што се истура од брод во близина на брегот. Владата прогласи вонредна состојба за животната средина поради истурањето на нафтата од јапонскиот брод во близина на брегот кон крајот на јули.

Протокот на нафта бил стопиран, но сега се брза да се исцедат околу 2.500 тони нафта од бродот пред тој да се скрши на половината и дополнително да ја загади водата. Од бродот веќе се излеале околу 1.000 метрички тони нафта во морето.



Жителите на малата нација прават напори да ја отстранат нафтата со листови од шеќерна трска, пластични шишиња, стари чорапи и дури и човечка коса која луѓето доброволно ја исекле за потребата. Човечката коса апсорбира нафта, но не и вода, па затоа научниците со години ја препорачуваат за впивање нафта од водата.

Маврициус започна кампања за собирање масивно количество човечка коса за оваа цел. Фризерите и берберите нудат бесплатно кратење на косата за жителите. Оваа коса потоа ќе биде ставена во цевки и ќе се направат мрежи кои ќе бидат искористени за впивање на нафтата од водата.



Од една страна, напорите на жителите инспирираат, но, од друга страна, тие не треба да бидат принудени на таква жртва. Ова не е првпат светот да види истурање на нафта во водата, а овие несреќи се погубни за луѓето, животните и цели еколошки системи.

Оваа катастрофа е особено застрашувачка за малите држави како Маврициус. Нејзината економија зависи од нејзините прекрасни плажи кои ги привлекуваат туристите, а многу жители се занимаваат со риболов, но сега морскиот живот е во опасност. Освен тоа, нафтата се истура во близина на регион кој ја заштитува земјата од пораст на нивото на морето.

Франција испратила помош за Маврициус, а јапонската компанија што го поседува бродот се извинила. Но, можеби тоа не е доволно.

Автор: Дарна Нур
Извор: gizmodo.com
Насловна фотографија: Twitter