Мирис на роза и море преплетен со вкусна храна, забава и уметност. На плажа и културно освежување во Бугарија

Мирис на роза и море преплетен со вкусна храна, забава и уметност. На плажа и културно освежување во Бугарија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Мирис на роза и море преплетен со вкусна храна, забава и културни знаменитости. Веројатно ова е најдобриот опис за една екскурзија низ Бугарија на која можете да заборавите на политиката и да се посветите на одморот, исполнетите прошетки, вкусната храна и долгите забави.

Уште кога ќе пристигнете во Бугарија ќе наидете на пријателски дочек со широко отворени раце и луѓе подготвени да ви раскажат сè за нивната земја, да ви понудат вкусни мекици и да ви препорачаат места каде ќе можете да одморите или, пак, лудо да се забавувате.

Црквите на Софија

Нашето патување започна во Софија. Ја видовме препознатливата црква „Св. Александар Невски“, изградена во сеќавање на 200.000 руски војници што загинале во борба за независност на Бугарија во Руско-турската војна во 19 век. Следуваа црквата „Света Софија“, една од најстарите цркви во градот, руската црква и ротонда „Св. Ѓорѓи“, најстар и најзачуван споменик на архитектура од периодот на Римјаните во Софија. Ротондата „Св. Ѓорѓи“ била изградена во 4. век, за време на владеењето на римскиот цар Константин Велики, а се смета за најстара градба во Софија.


Фото: Ротонда „Св. Ѓорѓи“, Софија

Го видовме и народниот театар „Иван Вазов“, најголем театар во Бугарија, основан во 1904 година од уметниците на театарот „Солза и смеа“, а отворен во 1907. На заминување од Софија имавме време и да го видиме Националниот дворец на културата (НДК), центар за концерти, конвенции и изложби, најголем во Југоисточна Европа. Интересно е тоа што за неговата изградба биле употребени над 10.000 тони челик, повеќе отколку за Ајфеловата кула.

На мекици во Рилски манастир

Од главниот град заминавме на планината Рила. Прекрасниот Рилски манастир (наречен по планината), се наоѓа на 1.147 метри надморска височина. Огромниот комплекс има околу 300 соби, а од 1983 е на списокот на светско културно наследство на УНЕСКО. Црквата има живописни фрески чии бои се одлично зачувани. Јадевме мекици и биволско кисело млеко, што треба да се проба.


Фото: Рилски манастир


Фото: Рилски манастир

Пловдив и седумте ридови

Едно од најголемите позитивни изненадувања беше Пловдив, втор најголем град во Бугарија. Се протега на седум ридови, а само стариот дел од градот е на три ридови. Во градот живеат луѓе од многу националности, а центарот живее со нив.


Фото: Пловдив

Но една од најимпресивните градби во Пловдив мора да е Римскиот театар, кој е еден од најзачуваните антички театри во светот. Бил откриен и реконструиран дури во 1980-те години, а сега таму се одржуваат фестивали и други настани.


Фото: Пловдив


Фото: Антички театар, Пловдив

Долина на розите и тракиските кралеви

Бугарија е позната по козметичките производи од роза. А ние имавме чест да отидеме во центарот на Долината на розите – Казанлак. Ова место е уникатно по повеќе работи. Тука престојувале тракиските кралеви, а доказ за тоа се и тракиските гробници откриени во градот.


Фото: Тракиска гробница, Казанлак


Казанлак се гордее со своите плантажи од роза. Розата дамаскана била увезена пред повеќе векови, но постепено се развила во бугарска сорта под влијание на климата и почвата и се разликува од другите рози. Во етнографскиот комплекс „Дамасцена“, каде ни беше покажан процесот на производство на масло од роза, се наоѓа и еден од најубавите амфитеатри за јавни настани. Помеѓу секој ред има рози кои заедно прават едно прекрасно небо од цветови.


Фото: Етнографски комплекс „Дамасцена“

Плажи и културно наследство за летување

Од полињата со рози и археолошки наоѓалишта отидовме на плажа. Сани Бич е познато летувалиште за оние што бараат забава, но соседниот Несебар нуди и повеќе од плажи, хотели и ресторани. Несебар е еден од најстарите градови во Европа, а стариот град во 1983 бил вклучен на списокот на места од светското културно наследство на УНЕСКО.


Фото: Несебар

Во близина се наоѓа и Варна, главно пристаниште за поморски и комерцијален превоз. Морската градина е еден од најубавите белези на градот.

„Царевац“ како шлаг на тортата

Од морско ниво повторно се искачивме на планина за да го видиме Велико Трново, град кој датира од пред повеќе од 5.000 години. Познат е по многубројни православни храмови, а куќите се поставени во форма на амфитеатар по должината на бреговите на реката што минува низ градот.


Фото: Велико Трново

Во градот биле пронајдени и остатоци од глинени садови обоени со зелена боја и во уникатен стил. Дуќанот „Чупи купи“ (во превод: Скрши, купи) и денес продава рачно изработени глинени садови изработени во стариот стил.


Фото: Глинени садови изработени во традиционален стил, Велико Трново

Архитектонскиот и музејски резерват „Царевац“ се наоѓа на истоимен рид во стариот дел од градот. Тврдината стои и денес а нејзината изградба почнала во 12 век. Импресивно беше да се види колку е зачувана тврдината, но и да се слушне за начините на кој стариот град се бранел од непријателите.


Фото: „Царевац“, Велико Трново

Патувањето траеше прекратко бидејќи секој од градовите што ние ги видовме за неколку часа се создадени за долги прошетки и придружни разговори. Тоа беше потсетување дека да се патува не значи само да се оди на плажа, туку и да се почувствува местото преку историјата и културата. Конечно, тоа беше и освестување дека убавите нешта често се кријат онаму каде што најмалку очекуваме.