СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: „Прво станав директор, а потоа се запишав на факултет“, вели економистот Томе Аризанов (95) од Дојран

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: „Прво станав директор, а потоа се запишав на факултет“, вели економистот Томе Аризанов (95) од Дојран

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Итната потреба од кадри за изградба на македонското општество по Втората светска војна најдобро ја отсликува Томе Аризанов, 95-годишен економист од Дојран, кој прво добил директорска функција, а потоа го завршил потребното високо образование за таа функција.

Аризанов е роден во Струмица во 1927 година, но една година подоцна неговите родители се преселиле во Дојран. На млади години се вклучил во политичкиот живот, што му донело и функција која била причина да се запише на Економскиот факултет во Скопје.
За Факултети.мк, Томе Аризанов раскажа како го завршил факултетот во Скопје.

- Студирав веднаш по Втората светска војна. Се запишав на вонредни студии на Економскиот факултет во Скопје. Не отидов веднаш, прво отидов во војска, потоа се вработив, па додека работев го завршив факултетот - откри Томе Аризанов, кој најмногу бил заинтересиран за општа економија.

Аризанов не плаќал школарина, ниту имал трошоци за полагање на испитите, иако бил вонреден студент. Полагал испити писмено и усно. Се извлекувале три прашања на кои требало да се одговара. Единствено што требало било студентите да гледаат кога се ставени на листата на полагање.
А за да го примат на студии, морал да полага приемен испит, кој не му бил тежок затоа што економијата го привлекувала.



- Ме привлекуваше економијата. Прво се вработив во администрацијата на Општината како секретар и потоа станав директор на рибарското претпријатие во Дојран, па морав да завршам и високо образование. Тогаш немаше кадри, па затоа беше полесно да се вработиш. Но критериумите за упис на Економски беа построги, не можеше секој да се запише на студии – раскажува Томе.

Тој се присети дека по Втората светска војна немало никакви проблеми луѓето да се вработат и сите учествувале во работни акции и во формирање задруги и претпријатија.

- Многу млад се вклучив во политичкиот живот, по војната бев во младинска организација и организиравме испраќање на младина на тие акции на изградба на железничките пруги низ Југославија. Бев претседател на младината од 1945 до 1947 година, а потоа член на КПЈ. Бев и претседател на Општина Дојран во периодот од 1955 до 1997 година – вели Томе.

Не жали за своето време колку што жали за денешното време во кое студентите лесно можат да завршат, а тешко наоѓаат работа и тоа всушност ги тера да си заминат од земјава.

- Младината бега, а тоа ќе нѐ сотре. Имам правнук на Машински факултет. Ги положил колоквиумите и не полага испит. Ништо не учат младите. Имам внук кој ми кажуваше дека професорот не доаѓал на предавања, туку асистентот им ги давал задачите за писмено да ги решат и толку. Образованието ни е на многу ниско ниво. Да ви кажам една споредба, од Дојран има шест универзитетски професори, а денес не може ниту еден учител да излезе. Може да замислите какво е нашето образование сега, најголема загуба за една земја. Не е срамота, тоа е брука. Се вџашив кога прочитав дека во Швајцарија еден учител има 7.000 евра плата, наставник во Грција има 1.300 евра плата. Кај нас со 22.000 денари учителска плата такво ќе ни биде и образованието – објаснува Аризанов револтиран од системот кој го запостави образованието.

Тој смета дека Македонија не посветува внимание на институтите и на развој на науката, а доволно е да се земе пример соседна Србија каде што институтите се дел од националната стратегија.



- Еден наш земјоделец од Светиниколско склучува договор со Институтот за земјоделство од Нови Сад за совети при обработка на земјата. Тој сади над 100 хектари житарици. Благодарение на советите од агрономот и тестирањата на земјата, земјоделецот се пофали дека не му требале субвенции оти добивал еден тон повеќе жито од другите. Ова е пример дека државата не посветува внимание на ништо, со 0,2% што се издвојува за наука тоа е премалку за развој. Нашите професори немаат можност да прошетаат низ светот да видат како е таму затоа што имаме неодговорни институции - истакна Томе.

Аризанов иако ја живее 96-тата година од својот живот и има трајни последици од коронавирусот, не се предава лесно затоа што во негово време проблемите не се решавале со бел бајрак.

Никола Тесла рекол: „Човекот е роден да трпи и да се бори“. И ден-денес Томе Аризанов се бори со еколошките проблеми и како да го заштити Дојранско Езеро, кое е уникатно по својата продукција на риба, а нему му е тешко што државата го запоставува.


Фото: Приватна архива