Како ќе се јави едно глуво лице на брза помош, прашува Марија Башеска-Стојановска

Како ќе се јави едно глуво лице на брза помош, прашува Марија Башеска-Стојановска

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога зборуваме за сексуално и репродуктивно здравје на младите девојки со оштетен слух и говор, маките на породувањето се помали од оние што се испречуваат на патот

Ретко кој помислува со какви проблеми се соочуваат лицата со попреченост. Особено кога станува збор за институционални проблеми за глувите, слепите лица, немите, лицата со телесна попреченост, кои функционираат сами во животот. Кои треба сами да појдат на лекар, да завршат некоја административна работа, сами да се информираат за процедурата, третманот или едноставно да дојдат на ред на шалтер. Многу часови губат затоа што се во неможност да го слушнат своето бројче за ред, затоа што не можат да се разберат на шалтер, затоа што нема слух, ниту разбирање од надлежните за тоа со какви проблеми се соочуваат овие лица.

Според упатените, единствени сме во регионот што немаме служба за толкувачи и систем кој ги зема предвид лицата со попреченост.

Глувите лица сами не можат да закажат телефонски

Лицата со попреченост од сите категории секојдневно наидуваат на огромни препреки кои им го отежнуваат животот. Еден од нив е и непристапноста на објектите насекаде во државата. Глувите, слепите, лицата со телесна попреченост секогаш се сопнуваат на препреки кои се влечат со децении наназад, потврдува Марија Башеска-Стојановска, која ги застапува лицата со попреченост и се залага за нивните потреби и интереси. Таа неодамна беше дел од симпозиумот „Здравјето во фокусот на една жена“, на кој говореше за проблемите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат жените со попреченост.

- Кога зборуваме за сексуално и репродуктивно здравје на младите девојки со оштетен слух и говор, маките на породувањето се помали од оние што им се испречуваат на патот. Поради природата на хендикепот, глувите лица сами не можат да закажат телефонски, а потоа кога ќе се појават на шалтерите во некоја здравствена установа, може да се случи со часови да седат во чекалницата бидејќи не си го слушнале името кога ги повикале. Таквата комуникација меѓу здравствените работници и глувите пациенти резултира со изгубено време и може да даде погрешни насоки - ни споделува Башеска-Стојановска.



Потреба од емисии за здравство кои ќе бидат приспособени на знаковен јазик

Доколку глувото лице оди само на лекар, без придружба од сертифициран толкувач на знаковен јазик, речиси е невозможно да се реализира прегледот, посочува таа.

- Од една страна, лекарот поставува прашања за да постави дијагноза, а пациентот треба да се произнесе за своите тегоби и проблеми. Оттаму, потребата од присуство и ангажирање толкувач на македонски знаковен јазик е голема. Затоа и повеќето глуви девојки и жени ретко се одлучуваат да се појават на гинеколошки прегледи. Неодамна Сојузот на гинеколози и опстетичари на Македонија организира посета во неколку градови низ Македонија и одржа работилници на кои присуствуваа лица од сите категории на инвалидитет и имаа можност да се информираат за многу аспекти од областа на гинекологијата. Потоа се организираа бесплатни гинеколошки прегледи за глуви девојки и жени во Прилеп, а наскоро и во други градови - изјавува Башеска-Стојановска.
Според неа, потребни се ТВ-емисии кои ќе бидат приспособени на знаковен јазик од областа на здравството, па така да можат и тие да бидат информирани за заштита од несакана бременост, венерични заболувања и начини за превенција.

- Секако дека здравствената култура се гради по пат на информираност, затоа е корисно понекогаш во училиштата каде што се школуваат младинци со оштетен слух и говор да има работилници на овие теми. Неопходно е здравствениот систем да има „универзален дизајн“, што би значело сѐ што ќе се набавува и спроведува да биде достапно и за лицата со попреченост - подвлекува Башеска-Стојановска.

Да се зголеми бројот на толкувачите

Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и пред нас стои обврската на оваа категорија граѓани да им се обезбедат рамноправни услови за живот.



- Впрочем и тие плаќаат еднакво во здравствениот систем и учествуваат како даночни обврзници исто како и другите. Дискриминацијата е повеќе од видлива и затоа што побрзо би требало да го израмниме патот кој води кон европски вредности. А да не зборуваме во итни случаи дека во Центарот за управување со кризи има само телефонски линии за оние што можат да се јават. Размислете, како ќе се јави едно глуво лице кое има потреба од брза помош? - категорична е Башеска.

Во модерниот свет има видео-кол линии, а тоа е мал потег кој нема да ја чини многу државата.

- Останува обврската државата да овозможи добри услови за изведба на настава на знаковен јазик кој се изучува во 6 степени. Да се зголеми бројот на толкувачите и секаде низ државата да се вработат во медицинските установи. Времето за оваа работа одамна е поминато бидејќи сме единствени во опкружувањето што немаме служба на толкувачи - додава Башеска-Стојановска.

Фото: приватна архива