Идејата што станува сѐ поприфатлива за Европа: Универзален основен приход во мало село во Швајцарија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Идејата за основен приход, одредена сума на пари за сите граѓани без никакви обврски, станува сѐ поприфатена.
Рајнау, село во Швајцарија, ќе почне со универзален основен приход, што значи дека на жителите ќе им биде плаќано по 2.200 евра. Жителите на селото, кое се наоѓа во близина на границата со Германија, гласаа за воведување на овој амбициозен проект.
Парите за оваа шема, која на граѓаните ќе им носи 2.200 евра секој месец, допрва треба да се соберат.
Повеќе од 50 отсто од жителите во селото што брои 1.300 жители гласаа во полза на проектот.
Одлуката доаѓа по две години од предлогот за државна стипендија на национално ниво во Швајцарија, што не успеа да помине на референдум.
Режисерката Ребека Паниан го води овој проект за основен приход и планира да ги документира резултатите на малиот екран.
Фото: Pixabay
Со оглед на трошоците за живеење во Швајцарија, 2.200 евра не се многу голема сума. Само еден продавач во продавница во Базел, кој работи 42 часа неделно, заработува околу 3.100 евра месечно.
Додека идејата за давање пари без никакви услови е присутна повеќе од еден век, овие неколку години повторно стана привлечна поради загриженоста за економијата, зголемената нееднаквост и губењето на работните места поради автоматизацијата.
Финска го воведе пилот-проектот за да ги испита придобивките од универзалниот основен приход, а проектот се наоѓа на агендата и на италијанската популистичка влада.
Универзален основен приход: Кои земји експериментирале со овој проект?
Финска: Скандинавската земја ја воведе пионерската пилот-шема за да тестира дали основниот приход може да функционира.
Во текот на експериментот 2.000 невработени лица на возраст од 25 до 58 години ќе добиваат месечен приход од 560 евра.
Тест-периодот треба да продолжи до крајот на 2018 година, кога ќе биде објавен извештај за наодите.
Канада: Владата започна тригодишен пилот со основен приход во јули 2017 година.
Првичните извештаи укажуваат на тешкотии во наоѓање и примање апликации од поединци и домаќинства што ги исполнуваат условите. Шемата беше откажана во јули оваа година, откако беше прикажан недостиг на интерес.
Швајцарија: Првиот светски референдум за основен приход беше одбиен во Швајцарија на 5 јуни 2016 година, кога мнозинство од 76,9 отсто гласаа против ваквиот проект.
Оттогаш се појави независна шема во селото Рајнау за тестирање на придобивките.
Шпанија: Кон крајот на 2015 година беше формирана петиција за
универзалниот основен приход да биде донесен на дневен ред во парламентот. Но, иницијативата на граѓаните добила само 185.000 потписи, не успевајќи да ја достигни потребната бројка.