Совесноста - клуч за успехот во работата според истражувањата

Совесноста - клуч за успехот во работата според истражувањата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Доколку на сите вработени во компанијата во која работите им се даде тест за личност, најсамоуверените и најодговорните би имале една заедничка карактеристика - совесноста.

Со години психолозите ја сметале интелигенцијата за главен показател за успех во работата, но се покажало дека таа е само едно парче од сложувалката. Има и други карактерни особини што влијаат врз успехот, а една анализа на 92 истражувања и над 1 милион испитаници покажала дека најконзистентен универзален показател за успехот во работата е токму совесноста.

Совесните луѓе се вредни, уредни, самоуверени, одговорни, упорни, имаат добра самоконтрола и се ориентирани кон целите. Оваа особина на личноста не предвидува само професионално достигнување, туку и академско, како и општо физичко и ментално здравје.


Фото: Freepik

На раководните позиции совесноста се покажува во фокусираноста на задачата, водењето сметка за правните аспекти и внатрешните правила и процедури и изразената етика. Впрочем, истражувањата покажуваат дека совесните луѓе се одлични менаџери бидејќи се трудат да ги постигнат поставените цели.

Меѓутоа, оваа одлика зависи и од контекстот. Потребно е и соодветно работно опкружување со јасни очекувања за нејзино оптимално изразување. Се покажува дека совесните работници што не соработуваат многу добиваат значително полоши оцени за работата.

Во последните години вниманието го привлекува и нов концепт кој наводно има одлучувачко влијание врз тоа дали некој ќе биде успешен или не. Овој концепт, во англискиот познат како „grit“, означува посветеност и упорност да се постигнат долгорочните цели. Како што објаснува Анџела Дакворт, професорка по психологија на Универзитетот во Пенсилванија, не станува збор за талент, ниту среќа, туку фокусирање на целта која му дава значење на она што го работите.


Фото: Freepik

Според истражувањето, врз успехот во работата влијае и совесноста на партнерот на работникот. Постојат неколку објаснувања за ова, од тоа дека ја имитираме одговорноста и упорноста на партнерот и ја пренесуваме на работното место, па до тоа дека совесните партнери ги преземаат приватните и домашни обврски за вработените да може да се посветат на работата.

Сепак, треба да се напомене дека совесноста не го предвидува успехот во работата кај сите професии. За некои може да биде слабост, особено доколку од работното место се бара голема креативност. Совесноста е погодна за поконвенционалните работни места, а може да биде кочница кај истражувачките и уметнички професии што бараа спонтаност и иновации.

Автор: Сања Дутина Драговиќ
Извор: psihobrlog.com