Германска компанија нуди бесмртност за 220.000 долари: На листата на чекање веќе има 650 луѓе
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научнофантастичните идеи што постојано ги гледаме во филмовите стануваат реалност. Замислете ја можноста да бидете замрзнати по смртта со надеж дека еден ден ќе оживеете благодарение на идната технологија.
Оваа идеја станува реалност благодарение на германската стартап-компанија „Тумороу био“. Оваа компанија, пионер во областа на криопрезервацијата, нуди услуга на замрзнување на телата во течен азот со надеж дека идните технологии ќе ги оживеат.
Иако цената на услугата изнесува 220.000 долари, интерес пројавиле над 650 луѓе. Компанијата, основана во 2020 година, досега замрзна шест луѓе и пет домашни миленици, а планира да се прошири на американскиот пазар до 2025 година.
Процесот на криопрезервација започнува веднаш по смртта. Специјализиран тим го лади телото до -80 степени и ги заменува телесните течности со криопротективни средства. Потоа телото се чува во швајцарски објект на температура од -196 Целзиусови степени.
„Тумороу био“ нуди можност за продолжување на животот со надеж дека зачуваните тела ќе бидат оживеани кога науката ќе го овозможи тоа.
Фото: Tomorrow Bio
Фернандо Азеведо Пинеиро, еден од основачите, верува дека можеме да бидеме сведоци на напредок во криопрезервација и реанимација на сложени организми во нашиот живот. Компанијата го започнува процесот на криопрезервација веднаш по смртта, користејќи специјализирани клиники во европските градови Берлин, Амстердам и Цирих.
По транспортот, телото се става во челичен сад со течен азот и се чува на -198 Целзиусови степени десет дена за да се постигне потребната температура. Теоријата е дека во иднина, напредокот во медицината би можел да овозможи оживување на зачуваните поединци и лекување на болестите што довеле до нивната смрт.
Сепак, криопрезервацијата не е без етички и филозофски дебати. Критичарите поставуваат прашања за моралните импликации на биостазата, несигурноста на оживувањето и можните социјални влијанија на таквите технологии.
Извор:
Mashable.com
Фото: Tomorrow.bio