Наставниците, а особено одделенските, секогаш треба да им се навраќаат на граматиката и на правописот!

Наставниците, а особено одделенските, секогаш треба да им се навраќаат на граматиката и на правописот!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Знаењето што студентите на педагошките академии треба да го усвојат по предметот македонски јазик не се однесува на нивното описменување. Се подразбира дека студентите го имаат стекнато во нивното претходно образование. На факултетот не треба да се враќаме назад и да ги исправаме пропустите, вели проф. д-р Виолета Николовска од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип


Во секое јавно писмено обраќање, било тоа да е напишано на социјална мрежа како што е „Фејсбук“, наставникот треба да внимава на јазикот, оти и тоа е нашиот образ, вели одделенската наставничка Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманли“ од Битола.

Одделенските наставници предаваат десетина предмети. Меѓу другото, и најважниот предмет за описменувањето - македонскиот јазик. Но, неретко се случува наставничките и самите да грешат, а ако се знае дека јазикот најдобро се учи токму во основно училиште, отвора ли тоа прашање колку во нашиот образовен систем се внимава на мајчиниот македонски јазик?

Надградувањето никогаш не завршува


Наставниците се жалат дека многу ретко имаат семинари или обуки од оваа област.
- Треба да сфатиме дека нема место за суета во оваа работа. Наставникот мора постојано да учи. Јас имам 52 години и сѐ уште учам за тоа што го работам повеќе од 20 години. Дури и на социјалните мрежи кога некој наставник ќе напише нешто, може да видите колку добро го познава македонскиот јазик. Понекогаш дискутирам со мои колеги на темава и тврдам дека секоја јавна објава е важна и е наше лице, а неретко добивам коментари од типот – „што има врска дали си употребил мала, а требало голема буква“. И официјалната и неофицијалната комуникација се важни затоа што во секакви групи се наоѓаат и ученици. За жал, морам да признаам дека има многу јазично неписмени меѓу колегите – вели Угриновска, која заедно со уште пет наставнички беше прогласена за најдобар просветен работник на Светскиот ден на наставниците.

Гордана Угриновска

Таа посочува дека советниците по предметот македонски јазик треба почесто да ги посетуваат училиштата.

- Јас сум многу самокритична како личност, не се ограничувам да признам грешка и да се обидам да ја поправам. Сметам дека секој наставник треба постојано да учи, да се проверува, да се преиспитува, да консултира речници, правопис, да соработува повеќе со предметните наставници. Еве, јас сум од Битола и тие „фалинки“ што нам ни остануваат поради дијалектот, како „му“ за женски род или употреба на „и“ на крајот на глаголите и таму кај што не треба, јас се трудам да ги коригирам и ги проверувам во правопис. Тоа децата го слушаат и може да влијае позитивно врз нив. Ние немаме ниту правописен речник на училиште, треба малку повеќе сите институции да се заложат за ова да се подобри – вели Угриновска.

Малку часови на педагошките академии

Проф. д-р Виолета Николовска лоцира уште поголем проблем поврзан со темата. Наставата по македонски јазик нема соодветно место во студиските програми на педагошките факултети во земјава.

- Описменувањето е еден од основните процеси што се одвиваат во наставата. Затоа, наставата по македонски јазик треба да има и соодветно место во студиските програми. На Факултетот за образовни науки во Штип, на пример, се слуша предметот Македонски јазик со култура на изразувањето. Тука се стекнуваат теориски знаења од областа на граматиката на македонскиот јазик и се работи на културата на изразувањето на студентите. Секако, не би било лошо овие два сегмента да се изделат како посебни предмети (тоа го имаме на втор циклус студии – имаме предмет Култура на изразувањето). Другите предмети се однесуваат на усвојувањето методски знаења за наставата по македонски јазик (и почетно читање и пишување) – вели Николовска.


Проф. Виолета Николовска

Таа објаснува дека она што студентите треба да го усвојат како знаење од областа на предметот македонски јазик не се однесува на нивното описменување (да не прават граматички, правописни грешки, правилно да се изразуваат, да се запознаат со правописните правила).
- Тоа е нешто што се подразбира дека студентите го имаат стекнато во нивното основно и средно образование. Тие и таму пишуваат и се изразуваат усно и писмено. Имаат часови по македонски јазик. На факултетот не треба да се враќаме назад и да ги исправаме пропустите во дотогашното образование. Треба да одиме напред – вели Николовска и посочува дека сите образовни институции треба да се вклучат во мисијата за да има што подобро обучени наставници по овој предмет.

Активност „Јазична писменост за почетните одделенија“

Од Бирото за развој на образованието нѐ информираа дека ги завршиле сите фази од проектната активност „Јазична писменост за почетните одделенија“, која ги имаше како цел учениците и наставниците од првите одделенија.

- Проектот во кој беа обучени советници и наставници (кои и понатаму извршија дисеминација на свои колеги се додека не беа опфатени сите наставници од одделенска настава), поради својата применливост, беше прифатен и применуван и во четврто и во петто одделение. Во рамките на „Јазична писменост за почетните одделенија“ беа изучувани техники и стратегии за почетно читање, како и за читање со разбирање, но и за пишување (пишување состави низ неколку чекори преку конкретни активности). Очекуваме со новите реформи и во соработка со Министерството за образование и наука да се подготват и реализираат обуки од областа на јазикот, односно на мајчините јазици – велат од Бирото.
Не добивме одговор колку наставници биле опфатени со оваа активност.