Браќата Лисенко - сите десетмина служеле во Втората светска војна и сите живи се вратиле дома

Браќата Лисенко - сите десетмина служеле во Втората светска војна и сите живи се вратиле дома

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За време на Големата патриотска војна, трагична реалност била што многу советски семејства изгубиле синови, татковци и браќа на бојните полиња.

Во многу домаќинства мажите не го преживеале бруталниот конфликт. Среде оваа сурова реалност, приказната за Евдокија Даниловна Лисенко и нејзините десет сина останува неверојатен исклучок.

По потекло од малото украинско село Бровахи, овие 10 браќа биле испратени на фронтовите за време на Втората светска војна.

Сите десет се вратиле дома живи, пркосејќи ѝ на војната која однела милиони животи

braka

Познати по нивната издржливост и длабоко вкоренети семејни вредности, Иван и Олга Лисенко одгледале десет сина: Михаил, Феодосиј, Пјотр, Иван, Андреј, Павел, Василиј, Александар, Николај и Степан. Уште од мали нозе браќата ја научиле важноста на единството и одлучноста. Нивниот татко, ветеран од Првата светска војна, им пренесувал приказни за храброст и преживување, додека нивната мајка ги учела на сочувство и одговорност.

Пред војната, најстариот брат Феодосиј имал 30 години и работел како возач. Степан управувал со трактор, Павел бил овчар, Василиј работел во градежништво, а најмладиот Александар имал само 14 години.

Кога Втората светска војна ја зафатила Европа, браќата одговориле на повикот да служат за татковината. Секој од нив бил во различна единица и на различни фронтови.

Михаил служел како пешадиски војник. Добил пофалба затоа што го запалил непријателскиот штаб во едно село. Подоцна бил заробен од непријателските сили, но успеал да побегне. По долго закрепнување, се вратил на фронтот во 1944 година и учествувал во ослободувањето на Украина, Молдавија и Унгарија.

За време на една битка Феодосиј неочекувано се сретнал со својот брат Михаил во ров.

- Тргнав на извидување со другарите носејќи гранати и митралез. Исцрпен и гладен, погледнав и го видов брат ми Михаил во ровот. „Ти си, Михаил?“, го прашав. „Јас сум“, ми одговори. „Жив си?“, го прашав. „Жив“, ми одговори тој. Притрчав кон неговиот ров и го прегрнав. Не можевме да престанеме да зборуваме, а и двајцата плачевме - раскажал во една пригода Феодосиј.

Службата на Михаил завршила во близина на еден унгарски град каде што се здобил со тешка рана во градниот кош, па завршил во болница во Ереван. Феодосиј ја изгубил ногата кога неговата чета наишла на минско поле. Пјотр во меѓувреме служел како телефонски оператор, а дома се вратил во 1946 година. Иван храбро се борел во војната, но бил фатен и испратен во концентрационен логор во Треблинка, од каде што успеал да побегне. Андреј бил заробен и одведен во Германија. По едномесечна голгота, успеал да побегне и се вратил во првите редови во 1944 година. На крај, повреден, се вратил кај своето семејство. Павел бил испратен во Германија на принудна работа. Бил ослободен од првиот украински фронт и избрал да продолжи на запад со армијата.

Василиј бил единствениот офицер меѓу браќата, а имал чин на постар поручник. Како признание за неговата храброст и исклучителен херој, тој бил одликуван со Орденот на Црвена звезда.

По војната, и Александар добил признание, односно медал за храброст за неговите извонредни напори во поправката на комуникациските линии во услови на жестоки борби.

2

Николај, откако пристигнал на фронтот, се борел само еден месец. Во 1943 година бил ранет во нозете, па бил префрлен во болница. Во 1944 година бил испратен дома.

Степан служел како тенк-оператор. За време на една од битките неговиот тенк бил погоден и зафатен од пламен, по што имал сериозни изгореници. Но и покрај повредите, продолжил да се бори. Тој последен од браќата се вратил дома, во 1947 година.

Подоцна нивната мајка Евдокија станала матријарх на големо семејство со 36 внуци и 70 правнуци.

3

Нејзината неверојатна приказна набрзо се проширила и надвор од селото, а во 1946 година била наградена со орденот „Мајка херој“ во Киев.

Починала во 1967 година, еден месец пред нејзиниот 74. роденден.

4

Во 1984 година беше поставена бронзена статуа со нејзиниот лик во Бровахи, на чие откривање присуствувале сите нејзини синови, освен Василиј, кој не доживеал да биде сведок на овој значаен настан.

Извор: Rarehistoricalphotos.com
Фото: RT / Dzen / Upscaled by RHP