Кога се под стрес, пчелите прават песимистички избори и можат да доживеат состојби слични на емоциите

Кога се под стрес, пчелите прават песимистички избори и можат да доживеат состојби слични на емоциите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пчелите што се под стрес обично носат песимистички одлуки, покажува ново истражување спроведено од Универзитетот во Њукасл, Велика Британија.

Истражувачите откриле дека тие имаат негативен одговор сличен на човечките емоции.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека пчелите ги намалуваат сопствените очекувања за награда кога се вознемирени, а тоа би можело да влијае врз начинот на опрашување на цвеќињата.

Пчелите научиле да препознаваат дека различните бои се поврзани со различни исходи, при што една боја била поврзана со локација на слатка награда, а друга боја со локација што имала помала награда. Пчелите успеале да ја научат разликата и ја посетувале соодветната локација кога им биле прикажани боите.

Откако пчелите ги научиле овие асоцијации, две групи доживеале симулиран напад на предатор, а третата група не доживеала никаков надворешен стрес. Научниците откриле дека оние пчели што доживеале напад имале помала веројатност да интерпретираат двосмислени бои како знак на повисоки награди, а како одговор повеќе ги посетувале локациите со пониска награда.

- Емоциите се сложени состојби и кај луѓето тие вклучуваат субјективно разбирање на она што го чувствуваат. Можеби никогаш нема да дознаеме дали пчелите чувствуваат нешто слично, но ова истражување може да каже дека пчелите имаат слични реакции кога се под стрес и носат песимистички одлуки. Најдоброто објаснување за нивното однесување е тоа што очекуваат високите награди да бидат помалку веројатни, со што покажуваат особини на песимистички луѓе - вели д-р Вивек Нитјананда од Универзитетот во Њукасл.

Научниците велат дека истражувањето е важно затоа што тоа значи дека стресот може да влијае врз тоа како пчелите ги опрашуваат растенијата. Исто така, резултатите покажуваат дека можеме да најдеме одговори слични на емоции кај многу животни, вклучувајќи ги и инсектите.


Извор: Phys.org
Фото: Freepik