Младиот битолчанец Дамјан Козаров ја раскажа приказната за Преспа и доби награда од НАТО

Младиот битолчанец Дамјан Козаров ја раскажа приказната за Преспа и доби награда од НАТО

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одлучи да проговори за еколошката катастрофа во Преспа зашто неговото семејство влече корени од овој крај, а и местото го потсетува на нов почеток

Гласот за спас на Преспанското Езеро, кое со месеци бележи катастрофален пад на нивото на водата, на светско ниво го крена 19-годишниот битолчанец Дамјан Козаров, еден од четворицата победници на НАТО-самитот на млади 2030 што преку видеоврска се одржа на 9 ноември годинава. Тој на светската јавност ѝ порача: „Како млади генерации мора да бидеме во тек со последиците од климатските промени, мора да направиме сè за да ја заштитиме нашата заедница“.



Има потекло од Преспа, но го загрижува и екологијата

Одлучи да проговори за еколошката катастрофа во Преспа зашто неговото семејство влече корени од овој крај, а и местото го потсетува на нов почеток.
- Кога го велам ова, мислам убавата Преспа како почетокот на членството на мојата земја во НАТО, но и сакам да биде почеток во спасувањето на ова природно богатство. Сакам да испратам една важна порака до сите луѓе, особено до младите како мене - мора сите заедно да ја подигнеме нашата свест за да ја спасиме природата и сè што таа ни дава за да нè награди со подобар живот. Јас се надевам дека со помош на НАТО оваа порака ќе биде уште пошироко распространета и искрено се надевам дека барем во еден момент ве натерав да размислувате - вели Козаров за Факултети.мк.

Дамјан Козаров

Целиот проект почна во август кога генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го објави повикот за првиот Самит за млади на НАТО на возраст од 18 до 35 години да учествуваат на видеоконкурсот во ноември. Конкуренцијата беше силна зашто учествуваа десетици натпреварувачи од целиот свет, кои обработија доста сериозни теми што се предизвик и бараат решение до 2030 година, како што се војни, миграција, екологија, образование и друго.

Студира во Грција, има интересно хоби

- Во истото време јас и мојот брат Давид започнавме еден канал на јутјуб-платформата кој се вика VisualMKD, а на кој ги објавувавме нашите аматерски видеа од типот на кратки тајмлепс, дрон-видеа и фотографирање. И решив ова мое хоби да го искористам, односно да создадам едно видео со кое барем малку јас како личност ќе придонесам за нашата земја, која е една од новите членки на НАТО-алијансата, и барем накратко да им ја претставам на останатите членки со сите нејзини убавини, но и со еколошките проблеми со кои се соочува - раскажува Козаров.



Видео материјалот што го подготви започнува со зборовите: „Ова е местото каде што Договорот од Преспа беше одбележан и беа отворени вратите за Северна Македонија да стане членка на Алијансата, почеток на нова ера“. По ова прикажана е Преспанското Езеро, за кое се вели дека е природно богатство што го делат три земји членки на НАТО Северна Македонија, Грција и Албанија како место погодено од климатските промени. Потоа следуваат снимки од плажи каде водата е повлечена, зголемени појаси со трски зголемена продукција на зелената алга.
- Можеби не е професионално видео ама е направено од срце. Ветувам дека ќе продолжам да ја ширам порака за Преспа како посебен симбол за заедништво и ќе повикувам за акција - вели младиот Козаров.
Тој е студира во Грција. Планира да ги продолжи студиите, а за понатаму вели дека сè уште размислува.

Преспанското Езеро моли за помош

Инаку, оваа есен, според официјалните мерења на Секторот за животна средина во Ресен, водостојот на Преспанското Езеро изнесува 512 сантиметри или повеќе од 5 метри под нормалата. По алармантното повлекување на водата, Преспанското Езеро сега има длабочина од само 15 метри, а најдлабоките слоеви поради еутрофикацијата преку лето остануваат без кислород, предупредија од Хидробиолошкиот завод од Охрид.



- Преспанското Езеро во последно време покажува премин од мезотрофен кон еутрофен карактер, што значи дека по сите параметри квалитетот на водата е во трета или четврта категорија. Сега подлабоки слоеви се оние на 13 до 15 метри, зашто поголема длабочина не можеме да најдеме во езерото. Во најдлабоките слоеви за време на летниот период се создаваат бескислородни услови. Кислородот е услов за живот, а со негово намалување, би дошло и до изумирање на живиот свет - изјави Елизабета Велјановска - Сарафилоска, директорката на Хидробиолошкиот завод од Охрид на неодамна одржаната трибина за спас на Езерото во Ресен.