Научници создадоа вакцина против грип од тутун
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Грипот ги погодува нациите низ светот со векови. На северната хемисфера во тек е таканаречената сезона на грип, а како што паѓаат температурите, поголеми се шансите луѓето да заболат од грип. Постојат вакцини против грип, но досега немало вакцина за грип направена од тутун. Научници сега создадоа ваква вакцина која има одлични резултати во клиничките тестирања.
На новата вакцина работела канадската биотехнолошка компанија „Медикаго“. Вакцината содржи честички слични на вирусот на грип кои биле добиени од растенија што се роднини на австралискиот тутун. Овие честички биле генетички модифицирани за да се создадат вирусни протеини.
Две клинички тестирања на вакцината спроведени на околу 23.000 возрасни покажале дека
вакцината е безбедна за користење и исто ефективна како вакцините за грип што моментално се на пазарот. Ова е одлична вест бидејќи вирусот на грип мутира секоја сезона, а вакцините помагаат во заштитата на луѓето од него.
Фото: Pixabay
Моменталните вакцини против грип се прават од вирусни честички одгледани во пилешки јајца или клетки создадени во лабораторија. Со овој метод на научниците им се потребни месеци за да ги добијат видовите грип со кои треба да се борат секоја сезона. Користењето растенија би можело да помогне во создавањето сезонски вакцини против грип.
Џон Трегонинг, истражувач за заразни болести од Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека ова е прво клиничко тестирање на вакцина базирана на растение досега. Вакцината сè уште треба да биде одобрена од регулативните органи.
Автор: Фабиен Ланг
Извор:
interestingengineering.com