Студенти од Македонија добија половина милион долари за алатка за рекламирање на „Редит“

Студенти од Македонија добија половина милион долари за алатка за рекламирање на „Редит“

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивниот продукт успеал да стигне до две илјади долари месечен прилив по еден месец од лансирањето, а по само пет месеци ја добиле најголемата странска иницијална (pre-seed/seed) инвестиција за софтверска компанија во Македонија досега

Никола Велковски е 22-годишен студент од Скопје кој заедно со уште двајца негови соученици, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, направи револуција во информатичкиот сектор. Тие создале маркетинг-алатка наречена Ховитцер (Howitzer), која ја намениле за рекламирање на американската социјалната мрежа Редит (Reddit), место за собирање вести, оценување интернет-содржина и дискусија.

Нивниот подвиг ги прави единствени во светот што ја имаат користено „Редит“ за маркетинг-цели и единствени што имаат направено маркетинг-алатка за „Редит“.
Никола, како еден од основачите на Ховитцер, вели дека нивниот продукт успеал да стигне до 2.000 долари месечен прилив по еден месец од лансирањето, а по само пет месеци ја добиле најголемата странска иницијална (pre-seed/seed) инвестиција за софтверска компанија во Македонија досега - 500.000 долари.

- Наш личен подраг успех ни е состанокот со Алексис Оханијан, коосновач на „Редит“ и сопруг на Серена Вилијамс, кој ни даде огромна мотивација во целото ова наше патешествие - додава тој.



Иновацијата „светнала“ по неколку неуспеси

Пред Ховитцер, работеле на Beermoney - мобилна апликација - агрегатор на микрозадачи од Amazon Mechanical Turk, Microworkers, Picoworkers и други. Но, тоа резултирало во огромен неуспех и, како што вели Никола, џабе потрошени пари.

Технички, Ховитцер било маркетинг-решението на нивниот претходен обид за стартап-продукт.
- Вториот обид беше со органско постирање и коментирање, меѓутоа, секој обид резултираше со банирање на сметката бидејќи „Редит“ не дозволува саморекламирање. Немајќи како да се рекламираме пред потенцијалните корисници и читајќи на интернет дека „Редит“ е невозможен за маркетинг, размислувавме да се откажеме - раскажува младиот информатичар.

На крај решиле да направат уште еден последен обид.

- Почнавме да размислуваме „надвор од кутијата“ и пристапивме со погерила-потег. Напишав скрипта која ги собира сите корисници на тие три-четири релевантни форуми, односно subreddits. Потоа, според клучни зборови, ги наоѓа оние што се потенцијално заинтересирани за некое решение како нашата апликација и им испраќа персонализирани директни пораки. Овој потег резултира со над 2.000 преземања на „Плеј стор“ за помалку од две недели, и така скриптата стана основата на Ховитцер - објаснува Никола.

Потоа решиле да проверат дали доколку скриптата ја нудат како софтверски продукт, би имало корисници и сличен сегмент на луѓе на кои ќе им го реши проблемот.

- Сега Ховитцер е огромен систем, составен од повеќе потсистеми и функционира како клауд-решение за директен персонализиран маркетинг на „Редит“ - додава тој.



Тимска работа и чиста визија - гаранција за успех

Во тимот што работи на Ховитцер се осуммина зашто, според нив, тимската работа е сè.

- Ховитцер не е изграден од еден човек, туку од тим на високомотивирани ентузијасти со енергичен начин на размислување, кои не прифаќаат „не“ за одговор. Имањето одличен тим значи успех на продуктот или компанијата. Тимската работа, добрата распределба на знаењата и имањето чиста визија која е синхронизирана помеѓу сите членови во тимот се клучот за постигнување речиси невозможни нешта - вели младиот информатичар.

Инаку, главни корисници на овој продукт се претприемачите и компаниите (стартапите) во рана фаза, растечките маркетари и креаторите на крипто/NFT проекти.

Младите студенти велат дека таргет им е глобалниот пазар, а не македонскиот или балканскиот пазар.

- Генерално, Ховитцер е идеално маркетинг-решение за сите оние што оперираат во одреден специјализиран сегмент таканаречен ниша-маркет (бидејќи и Редит е агрегатор на ниша заедници). Во иднина сакаме да тестираме како оваа алатка ќе им помогне на креаторите на содржина (на пр., OnlyFans), дигиталниот маркетинг и социјалните медиуми, агенциите, мобилните апликации од независни девелопери (indie mobile app) и слични ниша сегменти - објаснува тој.

Со самостојно надградување се пече занаетот

Според Никола, формалното образование многу малку придонело за едукација и обука во овие нивни реални подвизи.
- Факултетот не овозможува директно практично знаење кое би резултирало со креирање сопствен продукт, ниту, пак, го гради претприемачкиот дух на студентите. Факултетот многу повеќе помогна во процесот на вмрежување и наоѓање истомисленици, со кои можеш да градиш мали компании - стартапи или да разговараш на такви теми, и секако професори, на пример, проф. Владимир Трајковиќ, кои може да помогнат со конекции, поддршка, мотивација и споделување искуства во оваа област - објаснува тој.

Сепак, надградувањето им било целосно самостојно.

- Најважна е практична работа, правење почетнички грешки и прележување „детски болести“. Да се има два-три пропаднати проекти зад себе е вистински начин да се испече занаетот - смета тој.



Засега тимот на Ховитцер не е фокусиран да живее и работи надвор од земјата.

- Моментално немаме некоја голема причина да се селиме и да бараме подобар живот и подобри работни услови во странство. Но, за некоја година, којзнае - низ смеа вели Никола.

Младите не размислуваат претприемачки

Мал број од младите, според Никола, размислуваат претприемачки и се осмелуваат да направат свој продукт или да креираат свој бизнис.

- Оваа бројка ќе се смени со текот на времето. Стартап-трендот е во пораст и е сѐ полесно да се стигне до одредени ресурси за да се изгради нешто свое. Во Македонија генерално нема многу продукт-ориентирани мали компании, така што знаењето, искуството и потребниот кадар се прилично дефицитарни. Би ми било драго доколку почне да се развива стартап-сцената во Македонија зашто имаме навистина добри технички кадри, кои можат да придонесат кон креирање одлични иновативни решенија - заклучува тој.

Фото: приватна архива