Препорака од Бил Гејтс - книги во кои ќе уживате оваа зима
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Бидејќи се доближува Нова година, забавно е да се осврнете на сето она што сте го постигнале оваа година. Декември е одличен период за ревидирање на работите што сте ги направиле во изминатите 12 месеци - вклучувајќи ги и сите книги што сте ги прочитале.
Eве кои се препораките на еден од најуспешните, најпаметни и најбогати луѓе во светот, Бил Гејтс:
- Бидејќи сум човек што ги сака податоците, сакам кога ја разгледувам мојата листа со книги за да видам дали ќе се појави каков било тренд. Оваа година сум избрал повеќе белетристика од вообичаено. Не беше свесна одлука, но ми се чини дека бев привлечен од приказни што ми дозволуваат да истражувам друг свет.
Во моментов се обидувам да ја завршам „Cloud Atlas“ од Дејвид Мичел пред крајот на годината. Заедно со „A Gentleman in Moscow“ и „An American Marriage“, ја завршив и „The Rosie Result“ од Грем Симсион.
За овогодишниот список со книги за празниците избрав пет наслови за кои мислам дека ќе уживате. Мислам дека сите се солиден избор што ќе ви помогне да ја заокружите 2019 година и одлично да ја почнете 2020 година.
„An American Marriage“, Тајари Џоунс - Мојата ќерка Џен ми го препорача романот, кој ја раскажува приказната за афроамериканска двојка на Југот чиј брак се уништува поради грозоморен инцидент на неправда. Џонс е одлична писателка која успева да ве натера да сочувствувате со двата нејзини главни лика, дури и откако едниот од нив донесува тешка одлука. Темата е тешка, но ќе ве натера да размислувате.
„These Truths“, Џил Лепоре - Лепоре успеа да го реализира навидум невозможното во оваа книга: да ја опфати целата историја на САД во само 800 страници. Таа направи намерен избор да донесе разновидни гледишта и тие да бидат од суштинско значење за наративот, а резултатот е најискрениот и најцврстиот извештај за американската приказна што некогаш сум ја прочитал.
„Growth“, Вацлав Смил - Кога првпат слушнав дека еден од моите омилени автори работи на нова книга со тема растење, едвај чекав да ја имам в раце. Неговото последно дело не разочарува. Како и секогаш, не се согласувам со сè што ќе каже Смил, но тој останува еден од најдобрите мислители што одлично го документираат минатото.
„Prepared“, Дајан Тавенер - Како што знае секој родител, подготвувањето на вашите деца за живот по средното училиште е долго и понекогаш тешко патување. Тавенер, која направи мрежа од некои од најдобрите училишта во нацијата, состави корисен прирачник за тоа како да го направите процесот што е можно побрз и поплоден. Таа го споделува сето она што го научила - не само она што им е потребно на децата за да се запишат на колеџ, туку и како да живеат добар живот.
„Why We Sleep“, Метју Вокер - Имам прочитано неколку одлични книги оваа година за човечкото однесување, а оваа беше најинтересна и најдлабока. Сите знаеме дека добриот сон навечер е важен - но што точно се смета за добар сон? И како да имаме добар сон? Вокер ме убеди да ги променам навиките за спиење. Ако вашата
новогодишна одлука е да бидете поздрави во 2020 година, неговиот совет е добро место за почеток.