Четворица тинејџери што творат по инстинкт - ресенскиот бенд „Инстинкт“ ја објави првата песна
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.
„Инстинкт“ е бенд од Ресен, составен од четворица тинејџери на возраст од 18 години - Јован Симоноски – вокал и гитара, Филип Веловски – бас-гитара, Деан Настевски – тапани и Давид Арсовски - соло-гитара.
Бендот е формиран во 2018 година, но неодамна ја објави првата песна со наслов „Свет“. Песната обработува тема на секојдневниот тинејџерски живот, преплавен со несекојдневни случувања и збунетост.
- Песната „Свет“ е снимена, миксана и мастерирана од страна на Ангел Ќосев во студио „Подрумот“, спотот е дело на креативните „Pinestel“ (Пеце Здравковски). Текстот, музиката и аранжманот на песната беа создадени од целиот бенд. Целиот процес беше реализиран со помош на локалните спонзори и огромниот тим кој стоеше зад нас цело ова време - велат од бендот.
Од „Инстинкт“ велат дека сакаат да шират љубов, позитивна енергија и многу насмевки, а мотив им е љубовта кон музиката. Овие млади надежни музичари едноставно сакаат да создаваат музика и притоа ги следат само инстинктите и не размислуваат многу за жанрот.
- Секако дека имаме големо влијание од различни бендови и различни жанрови. Доколку треба да издвоиме некои, тоа би биле фанк, рок и гранџ - велат тие.
Како и речиси секој бенд, така и „Инстинкт“ приказната ја започнува со свирки во локални барови. Но потоа настапувале на „Meet Prespa“, каде што настапуваат прочуени бендови од Македонија и од Грција, двапати настапиле на Преспанскиот јаболкобер, а на натпреварот „Art In Experience“ освоиле прво место, додека на државниот натпревар за бендови и оркестри освоиле второ место.
За крај ги прашавме што сметаат дека би им помогнало во освојувањето на сцената.
- Сметаме дека добрата музика е најважен дел од промоцијата на бендот, како и добриот менаџмент и енергијата што ја има еден бенд на сценските настапи - велат од „Инстинкт“.