За 10 дена граѓаните потрошиле околу милион евра за ковид-тестови на приватно

За 10 дена граѓаните потрошиле околу милион евра за ковид-тестови на приватно

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Првите десет дена од годинава биле направени вкупно 67.534 теста во државните и во приватните болници и лаборатории низ земјава. Од нив само 7.319 теста биле направени на државно, а 28.290 на приватно. Преостанатите 31.925 се брзи тестови кои се направени во јавното и во приватното здравство

Од почетокот на годинава досега во приватните болници и лаборатории се направени 28.290 ПЦР-тестови. За таа услуга граѓаните платиле речиси 700 илјади евра.
Во приватните болници и лаборатории цената за тестирање е различна и варира од околу 1.400 до над 2.000 денари. Ако претпоставиме дека за тест била плаќана средна цена од околу 1.500 денари, тоа значи дека за само десет дена граѓаните платиле 42.435.000 денари, или 690 илјади евра.

Според податоците што секојдневно ги добиваме од Министерството за здравство, првите десет дена од годинава биле направени вкупно 67.534 теста и во државните и во приватните болници и лаборатории низ земјава. Од нив, само 7.319 ПЦР-тестови биле направени на државно, а 28.290 на приватно. Преостанатите 31.925 се брзи (рапид) тестови кои се направени во јавното и во приватното здравство. Ако половина од нив се направени во приватни лаборатории, во просек од по 1.000 денари, тогаш за тестирање на приватно граѓаните за брзи тестови платиле 15.962.000 денари, или 260 илјади евра.

Грубата пресметка покажува дека за само десет дена за ПЦР и за брзи тестови граѓаните на приватно платиле околу еден милион евра.



Податоците од Министерството за здравство покажуваат драстично поголем процент на направени ПЦР-тестови во приватните лаборатории отколку во јавното здравство.
Една од причините за тоа е што во овој период имаше неработни денови за јавното здравство. Од друга страна, матичните лекари велат дека не секогаш можат да најдат термин за тестирање на државно и пациентот може да треба да почека.

Од почетокот на пандемијата досега цената на ПЦР-тестовите во приватните болници и лаборатории варираше и понекогаш достигнуваше до 5.000 денари.
Како што се појавуваа новите соеви на ковид-19 и нови бранови на новозаразени, така и се зголемуваше бројот на тестирања. Бројот на тестирања се зголемуваше и во летниот период кога граѓаните ги користеа за патувања. Во оваа пресметка не влегуваат брзите тестови што се купуваат во аптека, кои граѓаните самоиницијативно ги користат.


Направени тестови за 10 дена во државните и во приватните болници и лаборатории