Болница во ОАЕ ќе биде сместена под голема соларна стреа во парк со површина од 50 хектари
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Соларната електрана над идниот медицински комплекс во Обединетите Арапски Емирати гарантира енергетска независност, но и пријатна температура во нејзината сенка.
Реномираното архитектонско биро на Ренцо Пјано ги претстави плановите за медицинскиот комплекс „Џавахер Бостон“ во Шарџа, кој ќе биде опкружен со парк. Комплексот е смислен за еколошката компанија „Биа“ за да се обезбеди здравствена заштита на луѓето во градот и пошироко.
Квартот исполнет со дрвја ќе зафаќа површина од 50 хектари, со стреа во центарот која ќе нуди пријатна ладовина за објектите за медицинска намена.
Централна точка на комплексот ќе биде болницата под стреата, дизајнирана во смирувачки стил со поглед на паркот. Според прикажаниот план, над значителен дел од стреата ќе бидат поставени фотонапонски панели, преку кои ќе се обезбедува целата потребна енергија за функционирање на овој медицински комплекс.
Растенијата што ќе бидат имплементирани во проектот ќе бидат многу внимателно избрани, со идеја да се унапреди микроклимата, додека паркот што ја опкружува медицинската установа ќе биде исполнет со многу дрвја. Планирано е под стреата да се направат градини, како овоштарници и зони со билки отпорни на суша.
Проектот ќе се реализира во следните три години.
Извор:
Gradnja
Фотографии: Renzo Piano Building Workshop