Ѕирнете во хотелот од мраз во Шведска што нуди уникатно сместување секоја зима

Ѕирнете во хотелот од мраз во Шведска што нуди уникатно сместување секоја зима

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Топлиот ноември во Арктичкиот Круг можеби го одложи градењето на деловите на шведскиот хотел од мраз наречен „Ајсхотел“, но тој сега е завршен, отворен и ја слави својата 35-годишнина.

Изградбата на хотелот траеше шест недели, беа искористени 454 тони мраз, мешавина од снег и мраз колку 10 олимписки базени и имагинацијата на околу 30 уметници.

 
Потеклото на оригиналниот хотел, од кој се создадени многу други хотели од мраз, датира од 1989 година кога, благодарение на локалното население инспирирано од јапонското вајарство на мраз, градот Јукасјарви од Арктичкиот Круг стана домаќин на зимски изложби на уметност направени од замрзнатите води на реката Торне. Ова постепено еволуирало во „Ајсхотел“ кога некои патници барале да останат и да преспијат во иглoата.

 
Од 2016 година хотелот почна да нуди „топли соби“ и други погодности, вклучително и структури направени од мраз.

Секоја година, во текот на есента, хотелот повторно се гради. Напролет, кога температурите растат, хотелот се топи и се влева во реката, што го прави овој циклус совршен пример за одржлив туризам.

Секоја зима во Јукасјарви доаѓа меѓународен тим на уметници за да ги дизајнира и креира собите и апартманите во хотелот. Секоја соба е уникатно уметничко дело – од скулптури до светли инсталации кои создаваат атмосфера од бајките. Температурите во внатрешноста на хотелот се одржуваат помеѓу -5 и -8 Целзиусови степени, а гостите спијат на ледени кревети покриени со кожи од ирваси и топли вреќи за спиење. Покрај стандардните соби, хотелот нуди и луксузни апартмани со приватни бањи и загреани области каде што гостите можат да се релаксираат. Секоја година уметници од целиот свет ги поднесуваат своите дизајни за шанса да учествуваат во создавањето на оваа ледена бајка.

 
Престојот во овој хотел не е само спиење на леден кревет. Денот започнува со топла шолја чај од брусница и завршува со релаксација во традиционалната сауна. Гостите можат да уживаат во ледениот бар, да посетат ледено кино или да учествуваат во работилница за скулптури. Активностите како што се санкање со кучиња, возење со моторни санки или лов на северната светлина ја комплетираат оваа уникатна авантура. Хотелот нуди и различни сезонски активности, вклучувајќи риболов на мраз, јавање ирваси, истражување на ледената пештера и пешачење со чевли за снег. За оние што ја сакаат креативноста, има и работилници за изработка на скулптури од мраз предводени од експерти.

Извор: Smh.com
Фото: Booking.com