Може ли млекото да го намали ризикот од рак на дебелото црево?
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пиењето една чаша млеко секој ден има потенцијал да го подобри здравјето на дебелото црево, покажува ново истражување.
Набљудувачка студија на повеќе од половина милион жени покажала дека пиењето 200 грама млеко дневно може да го намали ризикот од рак на дебелото црево до 14 проценти.
Уште неколку други неодамнешни набљудувачки студии покажаа дека млечните производи, особено оние што се богати со калциум, може да имаат заштитничка улога во цревата, особено кај жените, кои консумираат помалку калциум и имаат недостиг од него.
Новата студија била предводена од научници на Универзитетот во Оксфорд и во неа се разгледани долгорочните податоци за здравјето на средовечни и постари жени од Европа, кои исто така пополниле прашалници за нивната исхрана.
Од сите 97 избори за исхрана вклучени во студијата, храната поврзана со млечни производи покажала најмногу негативни врски со развојот на рак на дебелото црево.
Консумацијата на 300 милиграми калциум дневно го намалила ризикот од рак за 17 отсто.
Истражувачите утврдиле дека врската меѓу ракот на дебелото и млекото била, пред сè, поради калциумот. Затоа постои шанса дека храната богата со калциум, дури и ако тоа се производи што не се млечни, како соја, може да штити од долгорочни здравствени проблеми во долниот дел на цревата.
Ракот на дебелото црево погаѓа сè повеќе луѓе низ светот и истражувачите се сомневаат дека нездравата храна придонесува за зголемување на бројот на заболени. На пример, се смета дека алкохолот и процесираното црвено месо го зголемуваат ризикот од рак на дебелото црево, а во новата студија сите три фактори биле поврзани со зголемен ризик. Консумацијата на 30 грама црвено и процесирано месо дневно е поврзано со 8-процентно зголемување на ризикот од рак.
Улогата на калциумот, сепак, е помалку јасна и колку и да се позитивни сите овие резултати, треба да внимава во приодите, предупредуваат експертите.
- Додека студијата го нагласува потенцијалниот бенефит од поголемиот внес на калциум од млечни производи, новинарите и јавноста треба да ги разгледуваат резултатите со внимание. Бројките може да го преувеличуваат вистинскиот ефект поради методолошките ограничувања. Потребно е поробустно истражување за да утврди причинска врска - предупредува Дејвид Нунан, кој се фокусира на медицина базирана на докази на Универзитетот во Оксфорд, а кој не бил вклучен во студијата.
Студијата е објавена во „
Нејчр комјуникејшнс“.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik