Научниците се на чекор до создавање вакцина за дебелина - ќе може да јадете сѐ без да се здебелите

Научниците се на чекор до создавање вакцина за дебелина - ќе може да јадете сѐ без да се здебелите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дебелината и проблемот со прекумерната тежина се болести на модерното време. Вишокот килограми може да доведат до сериозни проблеми и со менталното и со физичкото здравје. И додека лековите како „оземпик“ се сметаат за „чудотворни“ затоа што помагаат да се изгубат тврдоглавите килограми, вистинското прашање е како да ја спречите појавата на вишок килограми?

Научниците од Универзитетот во Колорадо случајно развија вакцина која во лабораториски услови им овозможила на глувците да станат „имуни“ на зголемување на телесната тежина. Како што објаснуваат научниците во нивниот истражувачки труд објавен во списанието „Брејн, бихејвиор енд имјунити“, на глувците им ја инјектирале бактеријата „Mycobacterium vaccae“, која е здрава бактерија и може да се најде во кравјото млеко и во почвата.

Тие откриле дека глувците што добивале доза од вакцината на неделно ниво, ја задржале истата телесна тежина и покрај тоа што биле хранети со храна полна со шеќери и масти. Всушност, „вакцинираните“ глувци кои биле лошо хранети ја одржувале истата тежина како глувците што не биле „вакцинирани“ и биле хранети со здрава храна. Како што објаснуваат научниците, оваа бактерија позитивно влијае врз организмот бидејќи го намалува воспалението предизвикано од стрес, а кое најчесто е предизвикано од консумирање слатки пијалаци и високо преработена храна. Воспалението и прекумерниот внес на калории може да го зголемат нивото на кортизол, хормон на стрес, кој му сигнализира на телото да складира повеќе масти.

Исто така, воспалителните процеси го попречуваат и производството на лептин, хормон кој ги регулира метаболизмот и апетитот, што повторно доведува до постојан глад и прејадување. Затоа, елиминирањето на воспалителните процеси би го довело телото во рамнотежа.

- Она што е впечатливо во ова истражување е што видовме целосна превенција на зголемување на телесната тежина кај овие животни - изјави Кристофер Лори, професор по интегративна физиологија. Тој додаде дека изложеноста на корисни бактерии може да го заштити човекот од некои негативни здравствени ефекти на типичната западна исхрана. Тој објаснува дека луѓето порано биле во многу поголем контакт со корисни бактерии, но со развојот на општеството, стерилната животна средина стана императив, но доведе и до одредени проблеми.

- Како што изгубивме контакт со овие стари пријатели кои служеа за регулирање на нашиот имунолошки систем и потиснување на несоодветно воспаление, тоа нè стави на поголем ризик од воспалителни болести - вели Лори.

Но, тој додава дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали бактеријата влијае врз луѓето на ист начин и дали им помага да одржуваат одредена, здрава тежина.

До моментот на целосно развивање „вакцина“, Лори вели дека најдобриот начин да се изложите на корисни бактерии е да излезете во природа, да работите во градина и да јадете разновиден свеж зеленчук.

Извор: Daily mail
Фото: Freepik