Ова се стартапите во кои лани вложи Џеф Безос

Ова се стартапите во кои лани вложи Џеф Безос

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Милијардерот и основач на „Амазон“ во минатото има инвестирано во „Ербиенби“ и „Убер“, а сега реши да вложува и во компании за роботика што користат вештачка интелигенција (ВИ).

Пред да го запознае Џеф Безос, Марко Бјелониќ, коосновач и извршен директор на компанијата за ВИ-роботика „Свис-Мајл“, кој по потекло е од Босна и Херцеговина, му испратил своја верзија на таканаречениот „6-пејџер“ - допис од шест страници кој стана познат како дел од корпоративната култура на „Амазон“.

- Бев изненаден од тоа колку беше трпелив и опуштен - се присетува тој на првите импресии за Безос.

Било предвидено разговорот да трае 30 минути, но на крајот се задржале еден час. Во август 2024 година Безос е регистриран како еден од најголемите вложувачи во инвестицискиот круг во „Свис-Мајл“, кога биле собрани 22 милиони долари. Компанијата развива роботи водени од ВИ и моментално тестира првични верзии на улиците на Цирих.

Ова е една од најмалку десет компании во кои вториот најбогат човек на светот инвестирал минатата година. Седум од нив се ВИ-стартапи. Четири стартапи, вклучувајќи го и гореспоменатиот, работат на развој на роботи што работат со помош на вештачка интелигенција.

Компании во кои лани инвестирал Безос
Извор: Форбс

Иако Безос не ја коментира неговата инвестициска стратегија, ултрабогатите претприемачи кои стануваат инвеститори го прават тоа главно затоа што гледаат дека доаѓаат некои промени. Во овој случај изгледа како Безос да верува дека ВИ-роботиката е на раб на голем комерцијален исчекор.

- Тие сакаат да бидат први во инвестирањето во технологија што може да им донесе корист за нивната индустрија. Знаат за брановите што веќе дојдоа и сакаат да бидат дел од следниот - вели Кјартан Рист, коосновач на инвестициската компанија „Косентрик“.

За Безос, тие последни „бранови“ во неговата примарна индустрија, е-трговијата, веројатно биле недвижностите за дистрибуциски центри и роботика, а следниот бран е автономната роботика, смета Рист.

Безос не е нов во ова поле. Во 2007 година тој вложи во стартапот „Ретинк роботик“, кој помагаше во автоматизацијата на производството. Додека беше извршен директор на „Амазон“, компанијата купи неколку компании за роботика. Сепак, Безос никогаш јавно не инвестирал во толку компании за роботика во само една година, а автономните роботи се нови.

- Луѓето стануваат сè позаинтересирани за изградбата на општата интелигенција и роботиката е патот до тоа. Тоа е следната голема приказна во вештачката интелигенција - вели Дипак Патак, коосновач и шеф на „Скилд АИ“, еден од стартапите во кои вложи Безос.

Тој го споредува моментот со смислувањето на „ајфонот“, велејќи дека сите потребни технологии се спојуваат за да станат можни автономните роботи - ВИ напредува за да можат да бидат попаметни, а хардверот е сè поевтин за да може навистина да се произведуваат.

- Од една малку попрактична перспектива, роботите имаат безброј примени во работата. Со текот на времето би можеле да работат опасни работи што сè помалку луѓе сакаат да ги работат, но следниот чекор е да се стават во „полуструктурирана“ средина заедно со луѓето, како во болници или складишта - вели Патак.

Освен во роботика, Безос лани вложил и во две популарни компании: контроверзниот пребарувач „Перплексити АИ“ и компанијата за дизајнирање чипови „Тенсторент“, која сака да се натпреварува со гигантот „Нвидија“. Покрај нив, вложил и во финтек-компанијата „Аутго“ и компанијата за поддршка на нагуватели „Магнолија“.

Без оглед на тоа колку Безос е вклучен во која било компанија, објавувањето на неговото име како еден од инвеститорите е одличен потег за маркетинг, но и знак за кредибилитет. Токму тоа се два клучни адути за младите стартапи.

Извор: Forbes
Насловна фотографија: X