Ова се двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ

Ова се двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се подобри студентскиот стандард, условите за студирање, бесплатен јавен превоз, да се отворат повеќе читалници и друго ветуваат двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ. Едниот од нив ќе биде избран денеска на седница на Универзитетското студентско собрание што е закажано за 17 часот

Борјан Ефтимов, студент на прва година на мастер-студии на Правниот факултет, и Александар Ѓоргиевски, апсолвент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, се кандидати за студентски лидер на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Третиот кандидат, кој бил од Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, се откажал, дознава Факултети.мк.

Кои се кандидатите што сакаат да ги водат студентите? Тие двајца синоќа имаа јавна дебата на која ги претставија своите програми. Меѓу двајцата студенти ќе се гласа денеска во 17 часот во Ректоратот. Победникот треба да освои најмалку 24 гласа од вкупно 46 члена на Универзитетското студентско собрание.


Александар Ѓоргиевски и Борјан Ефтимов, кандидати за студентски лидери

И Ефтимов и Ѓоргиевски се активни во студентски и невладини организации. Нивните програми се слични, ветуваат дека ќе работат за подобрување на студентскиот стандард, но и за подобрување на квалитетот на студирањето.

Ѓоргиевски планира да запише мастер-студии на ФИНКИ. Тој е основач, член и претседател на неколку организации. Претседател е на Студентскиот парламент при ФИНКИ и Студентското собрание на ФИНКИ.

- Во текот на мојот мандат како претседател на СП ФИНКИ е иницирана идејата за студентски претставници кои ќе бидат гласот на својата генерација и ќе се стремат за разрешување на проблемите на своите колеги, иницијатор сум на зголемување на буџетот за социјално ранливата категорија на студенти, иницијатор и поддржувач сум на голем број хуманитарни настани и крводарителски акции - стои во неговата програмa.

Тој ветува транспарентно работење и објавување извештаи на официјалната веб-страница и на сите социјалните медиуми.
Ѓоргиевски вели дека ќе биде достапен за студентите и нивните проблеми, ќе организира јавни трибини, ќе се залага да се објавува месечно студентско списание, во кое освен тековните соопштенија и информации ќе бидат објавени и огласи од заинтересираните компании за вработување и пракса.


Александар Ѓоргиевски

Меѓу другото, во неговата програма стои:
- Организирање трибини на сите факултети и изработка на прирачник со цел полесно приспособување на бруцошите на самите факултети. Организирање студентски работилници и предавања на кои заедно со студентскиот правобранител ќе се информираат студентите за сите нивни права, но и обврски. Формирање работни тимови во соработка со наставниот кадар за изработка на предлог-измени за Законот за високо образование, со кои ќе има можност за дополнителна/казнена сесија на сите факултети - стои во програмата.

Ѓоргиевски ветува дека ќе се бори за бесплатно студирање за колегите што се во тешка финансиска состојба, за колегите со еден родител, колегите чии родители се воени ветерани и др. Подобрување на условите за следење на наставата. Изработка на платформа каде што студентите ќе можат да поднесат барање за потврда/уверение кое би го платиле електронски и би можеле да го подигнат од своите студентски служби без притоа да чекаат во редици со часови или денови.

Тој, исто така, повикува и да се намалат цените за студирање. Да се зголемат бројот на читалниците и да работат подолг период во текот на денот.

- Како што ние имаме обврска да присуствуваме на лабораториски вежби и губиме право на потпис доколку не ги посетиме, така треба и професорите да имаат соодветни санкции за откажано, ненавремено предавање или откажување на предавање поради лични приоритети. Автономијата на професорите е голема, треба да се пронајде начин како да ја ограничиме (на почетните седници ова ќе биде приоритетна точка за дискусија). Борба против мито и корупција во високото образование. Конечно да му се стави крај на вработувањето со купени дипломи - стои во програмата.


Борјан Ефтимов

Борјан Ефтимов бил член на Средношколскиот пленум, но и на Студентскиот пленум. Има искуство во неформални студентски организации и смета дека ќе може да одговори на овој предизвик, да ги води студентите.

Ефтимов најавува амбициозна програма, но објаснува: „Студентите се авангардата на едно општество и мора да си постават цели кои се високи и кои одговараат на нашите квалитети. Можеме да постигнеме многу и да ги заштитиме интересите и потребите на студентите, само доколку се стремиме највисоко“.
Тој најавува дека ќе се бори за зголемување на буџетот за образование (5% од БДП) и за високо образование (1,5% од БДП).

Во неговата програма стои:

- Зголемување на бројот на наставните кадри; Промена во методот на евалуација на работата на наставните и административните кадри на факултетите; Унапредување на практичната настава; Формирање комисија за екологија и заштита на животната средина; Промоција и зголемување на финансиите за студентски конференции и научните натпревари.

Тој ветува дека ќе се укинат сите дополнителни давачки кон факултетите и универзитетот, бесплатен јавен превоз за сите три циклуси на студии, зголемување на социјалната стипендија.

- Моменталниот буџет за високо образование изнесува околу 0,8% од БДП, што е речиси дупло помалку од европскиот просек кој се движи околу 1,5% од БДП. Ваквата дискрепанца е доволен показател зошто македонските универзитети значајно заостануваат зад својата конкуренција во Европа. Недоволните финансии ги ограничуваат универзитетите, па  наместо да се фокусираат на образование, пренесување на знаење и наука, се фокусираат на „финансиска одржливост“ и изнаоѓање креативни начини како да ги пополнат дупките во својот буџет - вели Ефтимов.

Тој ќе се залага за унапредување и зголемување на практичната настава, студентите да добијат свој културен центар, да се уредат кампусите и студентите да имаат безбеден паркинг за велосипеди и слично. Да се укинат сите дополнителни давачки кон факултетите и универзитетот.