Учење со платформата на вештачката интелигенција MonsoonSIM

Учење со платформата на вештачката интелигенција MonsoonSIM

Д-р Виолета Цветкоска, професор на предметите Операциони истражувања и Основи на бизнис-аналитика и сертифициран обучувач, првпат ќе ја користи оваа платформа за предметот Основи на бизнис-аналитика на прв циклус на студии на Економскиот факултет -Скопје при УКИМ, а земјава ќе биде трета на листата на Европа што ќе започне со користење на оваа платформа


„Знаењето нема вредност, освен ако не се употреби во практика“ - Антон Чехов.

Економскиот факултет - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје повеќе од седум децении нуди квалитетно образование од областа на економијата и бизнисот во нашата држава и континуирано ги унапредува студиските програми согласно програмите на најдобрите универзитети во светот. Наставниот кадар го сочинуваат професори кои својот академски идентитет го доусовршуваат на најпрестижните универзитети во светот, учествуваат на стручни и научни меѓународни собири, обуки, семинари и работилници, а стекнатото знаење и искуство им ги пренесуваат на своите студенти кои се идни двигатели на растот на нашата економија.


Д-р Виолета Цветкоска

Живееме во дигитална ера во која управувањето со податоци, нивното моделирање, анализирање, визуализирање и креирање приказна во соодветен бизнис-контекст имаат круцијално значење за компаниите да остварат конкурентска предност и да креираат вредност за вработените, потрошувачите, добавувачите и за општеството. Во таа насока, високообразовните институции за економија и бизнис треба да изградат професионалци за податоци кои ќе ги трансформираат податоците во сознанија и ќе им овозможат на компаниите да носат подобри одлуки. Учењето преку поврзување на гемификација или инкорпорирање елементи на игра (натпревар со конкуренција, тимска работа, прикажување на постигнатите резултати) во виртуелната училница за изучување на концепти, на начин кој е забавен и инспирира стекнување ново знаење и работа со податоци, е начин студентите да се научат да размислуваат и да ги пренесат стекнатите знаења и вештини во компаниите во кои ќе работат или кои ќе ги основаат. Сето ова е можно со платформата за бизнис-симулација и гемификација базирана на вештачка интелигенција - MonsoonSIM.

Искуственото учење е клучно за подготовка на студентите за иднината. MonsoonSIM е неверојатна платформа чиј фокус е на искуственото учење, понекогаш познато како учење преку правење. Оваа платформа своите почетоци ги бележи во 2012 година, а првата апликација за образование е во 2013 година. Ова е првата платформа за искуствено учење во светот што се базира на вештачка интелигенција. Платформата може да се користи за проучување различни бизнис-концепти во следните области: економија, финансии, банкарство, маркетинг, човечки ресурси, логистика, операциски менаџмент, сметководство, менаџерско сметководство, логистика, е-трговија, претприемништво, бизнис-аналитика, менаџмент-информациски системи, организациско однесување и планирање на ресурси на претпријатието. Професорот служи како ментор и советник во оваа револуционерна платформа. Тој може да избере како да ја распореди групата студенти во тимови, колку долго ќе трае играта, како ќе таа се бодира, како ќе се администрираат квизовите и да го активира или не виртуелниот асистент за настава базиран на вештачка интелигенција кој ќе ги води тимовите. Студентите учат преку сопствените успеси и неуспеси, како и еден од друг, додека се среќаваат и практикуваат бизнис-концепти. Тие управуваат со „виртуелни фирми“ составени од максимум 13 сектори: финансии, набавки, малопродажба, маркетинг, човечки ресурси, планирање, е-трговија, логистика, B2B, производство, планирање на барањата за материјали, одржување и услуги. Студентите треба да донесуваат повеќе одлуки и да ги решат проблемите со кои се соочуваат исто како да работат во реална компанија или да водат сопствен бизнис. Подолу е прикажана поврзаноста на секторите.




Извор: MonsoonSIM article “Business Experiential Learning with MonsoonSIM” (n.d.). Available at: http://www.monsoonsim.com/guide.html?stage=NEWS_DETAIL&id=901781 (со дозвола од MonsoonSIM)

MonsoonSIM се користи од 242 универзитети или организации (Pennsylvania State University, Michigan State University, Deakin Business School, Singapore Polytechnic и други); има 1.627 сертифицирани обучувачи, 93.917 студенти и 37.186 спроведени сесии, според статистичките податоци објавени на веб-страницата MonsoonSIM. Австралија, Германија, Хонгконг, Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур, Тајланд, Украина и САД ја користат оваа платформа за искуствено учење. Платформата во реалниот свет

Држави што ја користат оваа платформа


Извор: http://www.monsoonsim.com/

Имплементацијата на MonsoonSIM на предметот Основи на бизнис-моделирање на додипломски студии на Универзитетот за општествени науки во Сингапур во 2017 година резултирала со повисоки оценки во просек за 15% во споредба со претходниот семестар (кога не била воведена платформата). Студентите преферирале искуствено учење во однос на традиционалните предавања затоа што тоа им помогнало подобро да ги разберат процесите на компанијата, а развиле и меки вештини, како што се комуникација, тимска работа и лидерство.

На Deakin University во Австралија е воведена рамка со четири компоненти: 1) поврзување на теоријата со практиката, 2) искуство со симулација, 3) подготвеност за кариера и вештини за вработување и 4) студии на случај. Оваа рамка е имплементирана во период од 11 недели на студенти по сметководство. Првата компонента се протега од една до три недели и се фокусира на развојот на две професионални вештини: критичко размислување и комуникација. Втората компонента ја користи симулацијата MonsoonSIM, поконкретно симулацијата за планирање ресурси на претпријатијата, во период од три недели (недели 4-6). Оваа компонента треба да помогне во развојот на следните професионални вештини: комуникација, соработка, приспособливост, преговарање и решавање сложени проблеми. Третата компонента трае една недела (недела 7) и се фокусира на следните професионални вештини: планирање кариера, лично брендирање, интервјуирање и тактики за презентација. Последната компонента се спроведува во период од четири недели (недели 8-11) и се фокусира на професионални вештини, како што се критичко размислување, аналитичко расудување, советување и решавање сложени проблеми. Резултатите од анкетата на дипломираните студенти по сметководство во 2020 година покажуваат зголемување на развојот на основните вештини, капацитетот за соработка и способноста за решавање проблеми во споредба со 2017 година (кога не била применета рамката со четири компоненти).
Нашата држава ќе биде трета на листата на Европа што ќе започне со користење на оваа платформа. Пионер во нејзината примена е Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, а таа ќе се користи првпат на предметот Основи на бизнис-аналитика во летниот семестар оваа година. Студентите од првата генерација на примена ќе имаат бесплатен пристап до играта.


Користење на платформата на предметот Основи на бизнис-аналитика

Студентите ќе се воведат во платформата, а потоа ќе бидат поделени во тимови и секој тим ќе води виртуелна компанија, а податоците ќе се креираат со оваа платформа. Асистентот базиран на вештачка интелигенција ќе ги упатува тимовите во спроведување на бизнис-концептите. Податоците од платформата ќе ги користат за да анализираат, моделираат и визуализираат податоци со користење на водечкиот софтвер Power BI, моделирање на табеларни пресметки во „Ексел“ и примена на софтверските алатки што ќе се користат на предметот. Тие ќе треба да се фокусираат на четирите столба на аналитиката и да одговорат на прашањата: што се случи? (дескриптивна аналитика во која ќе дадат дескриптивна статистика и ќе ги визуализираат постигнатите резултати), зошто тоа се случило? (дијагностичка аналитика, на пр. зошто во некои денови имаат многу висок приход, а во некои денови многу низок?); што ќе се случи? (предиктивна аналитика, на пр., да ја предвидат идната продажба, исходот за нови податоци со техники на податочно рударење); и што ќе се случи (прескриптивна аналитика, на пр., што треба да се направи за да се постигне посакуваниот таргет со примена на методи на оптимизација). Тие ќе изготват сумарен извештај и ќе ги презентираат наодите во секој столб на аналитиката и ќе ја објаснат идната стратегија на нивната компанија. Секој член на тимот ќе биде дел од презентацијата. Со ваквиот пристап се очекува студентите да се стекнат со вештини за одлучување, решавање проблеми, критичко размислување, работа во тимови, комуникациски и презентациски вештини.