Последниот готвач на Тито: „Знаеше сам да си спржи јајца, сакаше да јаде домашна храна и убаво нѐ плаќаше“

Последниот готвач на Тито: „Знаеше сам да си спржи јајца, сакаше да јаде домашна храна и убаво нѐ плаќаше“

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Каде и да патувал Јосип Броз Тито, со него бил неговиот личен готвач Иван Молнар. Тој е сведок на времето. Молнар многу млад станал прв готвач во поранешната држава - уште во раните дваесетти. Бил најмлад.

- За Стариот, како што го знаевме, готвев од 1973 до 1980 година. Од појадок до вечера. За него, за Јованка и за нивните гости. Секој ден. Секако, не работев сам, не би можел. Во кабинетот бевме Словенецот Лилијан Габријел, Марија Петровиќ и јас. Тогаш бев и повеќе од двојно помлад од нив. Но, учев од најдобрите. Тој Словенецот беше гениј. Човекот работел на бродот на кралицата Елизабета пред Втората светска војна. И денес сум му благодарен за сè што ме научи - вели Молнар.

Тој објаснува и како од обичен млад човек од Беловар му станал готвач на Тито. Бил многу млад и немал никаков политички грб.

- Убаво готвев, веројатно тоа е причината. Како дете бев најдобар ученик во Угостителската школа во Загреб. За награда, ме испратија на феријална пракса на Бриони. И јас во таа 1971 година занаетот го учев во хотелите „Нептун“ и „Кармен“. Таму готвев два месеца, а се сеќавам дека на терасата од хотелскиот ресторан го сретнував и Мирослав Крлежа. Праксата брзо заврши, но готвачите од Бриони ме прашаа дали сакам да останам со нив. Имав 16 години, готвев уште еден месец за да заработам нешто и со тие први пари му помагав на татко ми во градењето на куќата, а нешто сочував и за 400 динари, по две години, си го купив првиот автомобил - раскажува Иван.

Можете и да претпоставите каков автомобил купил. „Фиќо“. Вели дека потоа повеќе го поправал отколку што го возел. Откако матурирал, добил работа на Бриони. Станал вистински готвач. По три месеци му стасала покана за работа во Белград.

- Почнав да готвам за Собранието, па за министерствата и брзо завршив во кабинетот на Тито - вели тој.



Иван Молнар
Фото: Vecernji

Добил гарсониера во Белград и одел да работи во кабинетот.

- Тој живееше на „Ужичка 15“, тоа беше приватно. А приемите беа во Палатата на федерацијата, Синиот воз, на „Галеб“, во авион, каде и да требаше... Каде и да одеше тој, одевме и ние, тројцата готвачи. Двајца би работеле една недела, третиот би бил слободен. И така со години. Бевме добра екипа - вели Иван.

Тој раскажува и како било да се готви во авион.

- Во авионот на Тито кујната беше мала, минијатурна, можеби два на два. Едвај се свртував. И малку готвев таму, повеќе ни служеше кога патувавме за да ја носиме храната со нас. Меѓу која имаше и домашна пршута! Каде и да одевме, си носевме наше месо, си имавме наша стока. Така ја викавме храната, стока. И не е проблем да бидеш готвач кога имаш добра стока. Што и да посакав, добивав - од тартуфи, кавијар до палента, сè добивав. Никој не гледаше во грамот, лесно ми беше да работам - раскажува готвачот.

Слично било и на бродот наречен „Галеб“. Кујната таму била малку поголема од онаа во авионот, но кога патувале и имало бранови, се случувало храната да заврши на под. Имало и шпорети и капаци на магнет, но сепак...

Иван истакнува дека е многу лесно човек да се навикне на убавата храна.

- Јас како славонско дете бев навикнат на леб со маст. На скромни оброци. Но, како што почнав да работам со шкампи, риба, па потоа пробав кавијар, бифтек... почна да ми се допаѓа. Брзо се навикнува човек, а ние, готвачите, ете, мораме да ја пробаме храната пред да ја послужиме - вели последниот готвач на Тито.

Објаснува и дека немало луѓе што ја пробувале храната во кабинетот на претседателот.

- Имаше лаборанти кои ја прегледуваа храната на пристигнување. А понатаму јас бев и готвач и пробувач. И денес ја пробувам храната кога готвам дома, и тоа 5-6 пати - вели Иван.

А дали некогаш се случило нешто да тргне наопаку? Секако дека да.

- Еднаш се случи да не послужиме ручек. Еднаш! Но, тогаш малку се исплашив. Се возевме со Синиот воз и имаше проблем со струјата, а ние печевме некое месо, патка... Стариот имаше ручек во 13 часот, такво беше правилото, но до тоа време ние не успеавме да го завршиме ручекот. Едноставно печката почна да работи предоцна. И што сега? Не можеме на човекот да му дадеме џимиринки и да му кажеме: „Почекајте малку“ - раскажува Иван.

Како се решила ситуацијата? Никако.

- Тој седна во 13 часот на маса, почека пет минути и потоа стана и замина. Ние од кујната пропаднавме в земја од срам, но така се случи. Не знаевме што ќе се случи. Стариот никогаш не рече збор, но ќе беше подобро да ни удреше шлаканица. Но, тој молчеше - вели Молнар.

Тогаш аѓутантот Тихомир Виловиќ ја спасил ситуацијата така што објаснил дека печката е расипана.

Тито сакал да јаде грав и зелка, домашна храна. И штрукли, запечени или во супа. Тоа додека смеел, додека не се разболел.

Веројатно сите би го прашале Иван како Тито се однесувал кон нив.

- Фантастично! Еве, на пример, ја чекавме неговата последна Нова година, дочекот на 1980 беше во село Караѓорѓево. И кратко по полноќ тој влезе во кујната и на сите ни честита. Секогаш ни подаруваше нешто, вратоврска, медалјон, часовник. Подароците беа симболични, но се сеќавам дека Иво Герица, готвачот кој со Тито беше од 1943 година, за награда доби скапоцен часовник. Но, тој со него бил уште од деновите кога се готвело в шума - се потсетува готвачот.

Иван последен пат го видел Тито токму на тој новогодишен дочек. Четири дена подоцна Јосип заминал за Словенија.

- Во тоа време веќе две години готвевме според упатства на лекари. По враќањето од Куба во 1978 година тој се разболи и тогаш лекарите ни даваа упатства што да готвиме. Што смееме, а што не - вели тој.

Тито сакал да пие вино што го правел на Бриони, но пиел и пиво. И тука има една анегдота.

- Тој пиеше само пиво од Плзењ. Но, тоа беа големи шишиња, не од 0,5, туку 0,75 литри и тој не можеше да испие многу, едно или две шишиња. А другото, тоа го решававме ние двајцата готвачи. А кога ќе снемаше пиво, само требаше да се јавиме во амбасада и да кажеме: „Пратете десет пакети пиво“. Никој ништо не прашуваше, за кратко лимузината ќе донесеше пиво. Ете, тоа беа ситните радости за нас, готвачите. Можевме да пиеме пиво кога и да посакавме - раскажува готвачот.


Фото: Vecernji

И, секако, не може, а да не се спомене платата.

- Беше многу добра. Директорската плата во некое претпријатие тогаш беше пет пати поголема од просечната, а нашата три пати. Значи, ако просекот беше две илјади динари, директорот имаше десет илјади, а ние во кабинетот шест илјади. Тоа беа добри пари, половина директорска плата. Но, тогаш бев млад, парите ги трошев на глупости - вели Иван.

Менито го договарале сите заедно. Готвачите предлагале три јадења, а потоа Тито или  Јованка кажувале што сакаат да јадат тој ден. Тито никогаш не правел проблеми, но Јованка некогаш им го менувала менито.

- Да речеме доаѓаат 12 лица на ручек, ние почнуваме од рано наутро да подготвуваме, сè сме договориле, а потоа таа во 11 часот ќе промени сè - се потсетува готвачот.

Појадокот бил во 7 или 8, ручекот бил во 13, а вечерата во 19 часот.

- Се случуваше, и тоа повеќе пати, наутро да ни влезе во кујна и да рече: „Дечки, дајте сам да си спржам јајца“. И што да правиме? Ќе речевме „повелете“ и ќе му го препуштевме местото. Се шегуваше со нас. И нему му требаше малку опуштање, а готвењето го опушташе - вели Иван.

Овој готвач готвел за многумина, меѓу кои и за поранешниот македонски претседател Киро Глигоров.

Извор и насловна фотографија: Vecernji